Политички прогон или расчистување на криминалот – власта се пофали за акција против градоначалникот на Петровец

Градоначалникот на Петровец и уште четири физички и три правни лица заработија кривични пријави поради злоупотреба на службената положба и перење пари. На само два дена до почетокот на изборната кампања, Управата за финансиска полиција се фати за работа – по поднесената пријава, Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција ќе го истражува случајот во кој градоначалникот Борче Митевски од 2012 година до сега, овозможил плаќање на 24 фиктивни фактури, во вредност од близу 32 милиони денари за извршени јавни набавки.

– Првопријавениот, одговорно лице во општина Петровец, градоначалник од 2009 година до денеска. Второпријавениот, во својство на вистински сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДОО Скопје и правниот субјект „Леома транс“ ДОО Скопје. Третопријавенот во својство на инжeнер на надзор, четвртопријавенот во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект „СМ-БА“ ДОО и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Чолак топ“ ДОО Батиници и петопријавениот, во својство на управител на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДОО Скопје, појасни Муареми директор на Управа за финансиска полиција.

Вицепремиерот за борба против корупција Николовски го пофали доброто функционирање  на системот, и потсети дека како Влада ќе се залагале за искоренување на корупцијата. Но останува отворено прашањето, дали случајот со Митевски кој е кандидат на претстојните избори од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е навистина трка по правда или политички реваншизам.

„Претставката беше разгледана и обработена од страна на кабинетот и во јуни годинава, целокупната документација беше испратена до Управата за финансиска полиција и Државната комисија за спречување корупција, за понатамошно постапување. Борбата против корупцијата и криминалот е процес кој бара максимална вклученост и координараност со сите надлежни институции, бидејќи само така можеме да застанеме на патот на оваа појава која го нагризува општеството“, изјави вицепремиерот Николовски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак реагираат дека станува збор за предизборен политички прогон кој го врши вицепремиерот Николовски, како генерален секретар на СДСМ. Тврдат дека Обвинителството за организиран криминал и корупција уште пред неколку години го истражувало случајот и утврдило дека нема да отвори постапка.

И додека за функционери од редовите на опозицијата има кривични пријави, остануваат неразрешени случаи со градоначалници од владејачката коалиција. Државната комисија за спречување на корупцијата неодамна алармираше дека градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, треба кривично да одговара за финансиски злоупотреби во Општината, но детали од надлежните нема.

Градоначалникот на О.Ново Село од редовите на СДСМ,  во 2018 година беше фатен како шверцува цигари вредни повеќе од 3 милиони денари – иако беше осуден на 18 месеци затвор, Апелација му ја намали казната на 6 месеци. За подоцна, фирмата на неговиот син да добие лиценца за одгледување канабис и тоа во тек на вонредна состојба.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста