Политички пораки за 11ти Октомври – надеж за иднината
Да ги надминеме разликите и меѓусебните делби, да се обединиме во заедничката борба за европска држава, порача шефицата на државата, Гордана Сиљановска Давкова по повод празникот 11 Октомври, Денот на Народното востание.
„Благодарни на хероите за нивната натчовечка жртва, имаме одговорност кон нив, но и кон нашите деца и внуци да продолжиме да ја градиме македонската држава согласно идеалите што ни ги оставија во аманет, оти чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување. Секоја генерација се соочува со нови предизвици. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на мирот и градење демократија“ – изјави претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова
Ако нашите дедовци имаа за цел да ја ослободат државата, нашата цел е економски да ја развиеме, посочи премиерот, Христијан Мицкоски во честитката по повод празникот.
„Иако се соочуваме со предизвици, ние зачекоривме во ера на економска трансформација и назад од тоа нема. Цврсто се обврзавме пред граѓаните дека посветено, чесно, одговорно ќе работиме за повторно да ја вратиме државата во рацете на граѓаните и работиме на тоа преку конкретни реформи, проекти и промени кои се клучни за рестарт на институциите и на системот“ – изјави премиерот, Христијан Мицкоски
Благодарение на мудроста на партизаните, македонската држава стана реалност, со овие зборови лидерот на опозициската партија, СДСМ, Венко Филипче го честиташе празникот.
„Пред 83 години, група млади херои ги нападнаа окупаторските сили во Прилеп и Куманово, започнувајќи ја партизанската борба која ќе прерасне во општонародно движење и создавање на современата македонска држава. Благодарение на мудроста на партизаните, Македонија засекогаш се вброи меѓу победничките народи, а нашата држава стана реалност на политичката мапа на Европа и светот“ – изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче
Централните свечености по повод празникот 11ти Октомври, Денот на Народното востание, се одржуваат во Скопје, Прилеп и Куманово, каде владини делегации положуваат свежо цвеќе пред спомен-обележјата на ослободителите.
Давид Крстевски