Полициските дронови даваат резултати – Приведени две лица за незаконска сеча на планината Серта

Полициските дронови даваат резултати – Приведени две лица за незаконска сеча на планината Серта

Полициските дронови даваат резултати. Полицијата фати дрвокрадци како сечат шума на планината Серта каде со деновие беснееја најголемите пожари. Уапсени се двајца мажи од штипското селото Селце на возраст од 19 и 43 години.

„Од нив биле одземени трактор со приколка, две моторни пили и исечените дрва. Бил извршен и претрес во нивниот дом, при што биле пронајдени и одземени испратници и одобренија за сеча на дрвна маса, издадени од ЈП „Национални шуми“, фотокопии од лични карти за кои се поднесувале барања за добивање на одобренија за сеча, воздушна пушка, две канти со бензин, импровизирана направа за центрирање на оптика за огнено оружје и други предмети поврзани со делото“, информира МВР.

Полицијата влегла и во штипското подрачје на „Национални шуми“ и била одземена документација.  По целосно расчистување и документирање на случајот, СВР Штип најави дека ќе поднесе кривична пријава против двајцата дрвокрадци.

Кривична пријава веќе заработи и 57 годишен прилепчанец  кој се сомничи за предизвикување на шумските пожари кај Македонски брод.

Полициски службеници од Македонски Брод го затекнале пријавениот Д.Т. на местото на настанување на пожар и при преглед кај него биле пронајдени предмети со кои може да се предизвика пожар. Со пријавениот бил извршен службен разговор, при што тој ги признал делата” информира МВР.

Во јули биле регистрирани 765 пожари од пошироки размери, соопшти Центарот за управување со кризи. Најголем дел од пожарите зафатиле висока сува трева, стрништа, нискостеблеста, деградирана шума и депонии.  Вкупно 608 пожари се регистрирани на ваков терен, а 157 биле шумски пожари, кои ја прават најголемата штета.  Беснеат уште два пожари кај Македонски брод и Студеничани, а седум се под контрола.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста