Полициски инспектори им пренесувале службени тајни на членовите на бандата „Дуќанџик“ од Грчец
Двајца пензионирани полицајци наместо да и служат на државата која ги плаќа, рапортирале пред шефот на групата Грчец, Шеваљ Муареми. Главните инспектори за имотни деликти откривале службени тајни, им кажувале за акциите и апсењата кои ги планира полицијата од декември 2019 до март 2021 година. Шеваљ Муареми успеал да ги мотивира пензионираните инспектори да ја алармираат групата за секој потег на полицијата, а за тоа биле наградувани со станови, коли и кеш кои не можат да се дозволат со плата на полицаец. Картелот засилен со двајца вработени во МВР, успеале да заташкаат дури пет претмети меѓу кои и акцијата „Планина“ во која главните од групата Дуќанџик од Грчец им избегаа на органите на прогонот. Протекувале информации од истрагите за убиства од 2020 и 2021 година, а се служеле и со закани – жртвите да менуваат искази пред инпекторите.
- „Осомничените, од користољубие, се поврзале со организираната криминална група „Дуќанџик“ од с.Грчец и како припадници со посебна улога, поттикнати со умисла од првосомничениот во предметот „Грчец“, пренесувале службени информации. Во наведениот период осомничените од кои двајца поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога, преку третоосомничениот за криминалната група прибавувале, пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност, како и за безбедносни и разузнавачки активности на државните органи“ соопштија од Обвинителството.
Уапсените кои паднаа сега но и во претходната акција на полицијата, комуницирале на енкриптираната „SKY/ECC“ апликација преку која паѓале договори за набавка и пренесување на кокаин од Јужна Америка преку Европската Унија до Македонија.
- „Начинот на кој пријавените ги извршувале делата предизвикало штета врз работењето на државните органи во постапките за кривичен прогон на лица, кои се од значење за јавната безбедност, безбедносните и разузнавачките активности на органите, како и прибирање и пренесување на информации кои не се наменети за јавна употреба, а со чие откривање се намалила ефикасноста на работењето на државните органи“ велат од МВР.
Додека мрежата на Муареми се отплеткува, тој засeга е само осомничен, бидејќи е во бегство и се наоѓа во Дубаи. Во јули годинава беше поднесено обвининие за петмина од групата Дуќанџик од Грчец кои се товарат за шверц и продажба на кокоаин.