Полициски час од 23 часот, угостителите да работат до 22.30 – Владата решава за новото попуштање на мерките

Ново олеснување на мерките за заштита од Ковид 19 – полициски час од 23 и отворени летни тераси до 22.30. Докторите велат оти олеснувањето на рестрикциите е очекувано бидејќи бројот на нови случаи се намалува, но неизвесно е велат дали рестрикциите ќе се почитуваат. Според микробиологот Никола Пановски, групните собири за велигденските и првомајските празници допрва ќе го зголемат бројот на нови корона случаи.

„Може 3 до 5 проценти овие три четири дена што доаѓаат може да има поголем број отколку што би имало, но не очекувам голем раст. Меѓутоа би требало, бидејќи се работи за летни тераси навистина тоа да бидат тераси, да не биде стакленик со два прозори отворени. Втора работа, сега е лесно инспекциите и полицијата да ги контролира, а гледам понекогаш дека не ги контролираат. Значи и пред да се донесе забрана за кафани, гледам во кафич еден до друг стојат. И никој не реагира, тоа не смее да се дозволи“, вели професорот Никола Пановски.

Пановски алармира оти се потребни засилени инспекциски контроли во угостителските објекти. Инспекторите ќе треба да контролираат дали навистина угостителите работат на летни тераси или импровизираат за да ги примат гостите и дали младите ги почитуваат мерките додека седат во кафулињата. Најголем проблем според професорот и натаму е јавниот превоз.

„Останува јавниот правоз, ако може со отворени прозори, со проветрување. Што помалку луѓе да влезат иако сметам дека луѓе што редовно се возеле со автобус овие 13 месеци веќе имаат создадено антитела“, додава Пановски.

Новите предлог мерки до Владата ги доставил главниот кризен штаб, каде членуваат министри и експерти по кризни состојби, но не и доктори епидемиолози. Но, останува неизвесно, дали и членовите на Комисијата за заразни болести се согласуваат со олеснувањето на рестрикциите, кои според нивните препораки ор пред десетина дена требаше да бидат на сила најрано до 14 мај.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста