Полицијата ја заврши истрагата за Тетово, детали нема- ќе одговара ли некој на крајот?!

По 23 дена од трагедијата, полицијата ја заврши истрагата за пожарот во Тетово, но кои се причините и евентуалните виновници, се уште не се открива. Од Обвинителството информираат дека Одделот за криминалистичко- технички испитувања и вештачења, испратил документ кој сега обвинителите и истражителите ќе го анализираат. Сепак, засега од Обвинителството не откриваат повеќе детали. Така што нема никаква информација дали МВР успеало да утврди како избувнал пожарот во кој живи изгореа 14 луѓе.

-Дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат. Во момeнтов се врши сослушување на членови на Комисии за имплементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика, изјави ОЈО.

Во моментов депонирани оставки кај премиерот има од министерот Венко Филипче, заменик министерот Илир Хасани, како и двајцата директори на тетовската клиника. Но тие се уште се во фиоката на Заев, а одлуката дали ќе ги прифати или не, тој ќе ја донесел, кога ќе биле објавени причините и евентуалните виновници.

-Јас знам дека форензичките извештаи и анализите на вештачењето со се се при крај и навистина очекувам да се објават. Ден поскоро толку е подобро за да ги решиме сите овие дилеми. Животот продолжува, политичарите се во кампања, се случуваат секојдневни активности, ред е да се објави тој извештај за да можам секако да го кажам јас својот став околу понудените оставки на министерот, заменик министерот, изјави Заев.

Инаку, за оваа трагедија одговорност се уште нема понесено никој. Иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Собранието засега не може да ја формира анкетната комисија за пожарот во модуларната болница во Тетово. Спикерот Талат Џафери, вели дека законодавниот дом не можел да се меша во судски надлежности. И тие ќе чекале прво да завршела истрагата, па дури потоа можела да се формира комисијата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста