Полициски функционери во партиски штабови

Полициски функционери ноќеска го наполнија штабот на СДСМ. Од аматерските видеа објавени на дел од порталите, како што пишува „Нетпрес“, се гледа како новата началничка на полициската станица во Валандово, Светлана Василева, началникот на струмичката полиција Танчо Пројковски и началникот на граничната полиција на југоисточниот регион Трајче Стоилов се снимени како влегуваат во партиската зграда во Валандово.

Овие видеа се мал дел од мозаикот, пишува „Нетпрес“ и јасна илустрација на незаконското работење во МВР под палката на екс министерот Оливер Спасовски.

Тој како потпретседател во матичната партија беше предложен за министер за внатрешни работи, а партизацијата на структурата во оваа институција не престана, со што се крши Законот за внатрешни работи и урива дигнитетот на МВР.

Непосредно, пред создавањето на техничката влада и заминувањето на Спасовски на премиерска позиција, во МВР е направена комплетно нова партиска структура на раководните места. А новите полициски функционери, напоредно покрај профеционалните активности, редовно ги извршуваат и партиските.

Наспроти ваквите прекршувања на прописите, во Законот за внатрешни работи, во членот 168 стои: „Работник во министерството не смее да основа, да раководи, да ја застапува и претставува политичката партија и да биде член на органите на партијата утврдени со нејзиниот статут“.

Алфа побара одговор и во МВР. Но до емитување на овие вести, одговор нема.

Членувањето во политичка партија особено е спорно кај вработените во МВР кои се дел од раководните органи на министерството. Партизацијата во ваква клучна институција може да влијае на селективност во правдата, но и да се доведе во прашање квалитетот на кадрите, бидејќи професионалноста се занемарува на сметка на „успешните“ партиски активности.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста