Пола Баир во мрак

Трет ден, околу две илјади битолчани во населбата Баир се без струја и се мачат, како да се справат со студот. Поради преоптовареност на електричната мрежа, во саботата изгоре тамошниот трансформатор и дел од подземниот кабел. За среќа, иако се доцнеше со интервенцијата, пожарот не се рашири и повредени нема.

Излегов во дворот и гледам чад, па фатив да викам луѓето да повикаат полиција и пожарна да дојдат да го гасат- рече Сабина Имеровска. – Почна да пука, а жената ми е дома непокретна и одвај ја извадив и на раце ја кревавме. Дури, кога почна да пука џамојте се тресеа- рече Нехад Ибраим.

Огорчени од ваквата состојба која често се повторува, група на граѓани од македонското население кои редовно ја плаќаат струјата, отидоа на протест пред Општината, бидејќи локалната власт често пати им ветувала дека проблемите ќе се решат со санирање на мрежата, а дел од ромското население се приклучува на диво и тие ги сносат последиците.

Да се реши проблемот со струјата, а најголем проблем е што таму има поврзано на диво и трансформаторот не може да издржи и пука- рече Илија Димитровски.- Без струја сме, без греење, без месо, без пиперки, без ништо. Буквално с`е исфрливме. Три дена немам напон, а не сум ниту капен- речеЉупчо Стојановски. – Без струја е никако оти почнаа да се одмрзнуваат фрижидерите, месото и пиперките со зијани, не знам што ќе правиме?- рече Павле Стојановски.

Од Општината Битола велат дека овој случај не е во нивна надлежност, оставајќи го отворен проблемот во овој дел на градот. Од ЕВН велат дека дивите приклучоци во оваа населба се рак- рана и не може прецизно да се проектира реална потрошувачка и вака, се оптоварува системот. Од денеска, започнаа со расчистување на изгорената опрема и за ден- два, велат дека ќе се постави нова опрема. Дотогаш, горниот дел на битолски Баир ќе биде во мрак.

 

Петар Стефановски

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста