Пофалби и критики за Владата – помалку зборување, повеќе работа им порачаа присутните

Две години Влада на СДСМ – свечен Форум на кој кабинетот на премиерот Зоран Заев се пофали со сработеното. За премиерот најголемо достигнување бил Договорот од Преспа, со кој земјава го смени Уставното име. Тој на Македонија и ги отворил вратите кон НАТО И ЕУ, рече Заев и додаде дека сега граѓаните чекаат јасен потег од Унија – датум за почеток на преговорите.

Но, Заев во говорот не го спомена јунскиот Самит на кој европските министри ќе треба да се изјаснат по однос на проширувањето. Владината реторика во која, една година наназад, постојано се споменуваше јуни како месец во кој земјава ќе добие датум за почеток на преговорите се чини дека спласна. И вицепремиерот за евроинтеграции, вчера призна оти датумот е можно да се пролонгира – наместо јуни власта се почесто зборува за добивање на датум годинава. Сепак, Османи денеска се пофали дека земјава добила најпозитивен извештај од Унијата.

Возбудата на власта околу сработеното во изминатите две години се чини дека спласна откако присутните на Форумот со низа забелешки им се обратија на министрите. Им порачаа помалку да се фалат, а повеќе да работат.

Заев се оправда – во иднина ќе работеле подобро.

Од Сојузот на жени пак со критика за родова нееднаквост. Велат во владиниот кабинет имало повеќе мажи. Премиерот на ова се пошегува со актуелната метла и порача дека министерките може да бидат сигурни, нив чистката немало да ги опфати.

Биљана Божиновска