Поднесени 38 барања за амнестија за собраниските настани

Турканица во Кривичен за амнестија. 38 обвинети за собраниските настани побарале помилување, од нив 23-ца од вкупно 33-ца обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок. Останатите 15 барања се од останатите процеси кои се завршени или се се уште во тек, а се однесуваат на 27-ми април.

Меѓу првите кои поднеле барање е пратеникот Крсто Мукоски, Александар Василевски Нинџа и Никола Митревски Кољо, Горан Анѓеловски- Ќосето, Иван Цветановски, но и обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Никола Ѓошевски Леви и Митко Пешов, началникот на специјалните полициски сили. Се очекува и останатите пратеници Тарчуловски, Василевски, Арнаудов и Димовски да го следат примерот на Мукоски и до утре да поднесат барање за амнестија.

Засега единствено јавно одбија помилување Јане Ченто и Игор Југ, кој побараа судот да им пресуди а не политичките елити.

До утре истекува законскиот рок, во кој обвинетите за 27-ми април можат да поднесат индивидуално барање и да се изјаснат дали сакаат да бидат помилувани или за нив да продолжи судскиот процес. По истекот на рокот во следните пет дена Судот и Обвинителството треба еда донесат решение по барањата на обвинетите. Согласно законот предвидена и жалба на решението во второстепена постапка.

Повеќе од јасно е дека со амнестијата помилувани ќе бидат пратениците, кои впрочем се наоѓаат на врвот на обвинението. Таа привилегија ќе ја немаат организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.

Власта и опозицијата едногласно пред една недела го изгласаа Законот по скратена постапка.

Ивана Соколовиќ Најдова