Подготвителна седница на Регулаторна за новата цена на струјата – поскапува и парното?

Уште еден ценовен шок ги очекува граѓаните од следната година. Поскапување на градското парно од 1 јануари бараат снабдувачите со топлинска енергија „Балкан енерџи груп“ и „Скопје Север“, зашто трошоците им биле зголемени до 300%. Барањето го правдале со вртоглавиот раст на цените на природниот гас на меѓународните мрежи, потврдија од Регулаторна. Ако ова барање се прифати, сметките на околу 60.000 домаќинства, колку што се топлат со парно, од околу 1.500 денари, од јануари би пораснале на 6.000 денари.

  • Ова барање ќе се анализира во моментот кога БЕГ ќе достави доказ (договор за набавка на природен гас) во кој ќе биде дефинирана цената на природниот гас, што за РКЕ ќе биде показател дали бараниот процент е соодветен. Регулаторна во процесот кога ќе стартува со анализа ќе ја информира Владата, Градот Скопје и општините на чие подрачје има корисници на топлинската енергија, за да ги разгледаат можностите за финансиска помош на домаќинствата кои се на парно.

Засега нема информација дали и третиот снабдувач со топлина, ЕСМ Енергетика ќе побара повисока цена на парното.

Од БЕГ не демантираат, но не ни потврдуваат. Во соопштение само ја објаснија процедурата како се одредува цената на парното.

  • Согласно Правилникот за регулирање на цени за топлинска енергија и системски услуги донесен од стана на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Р.С.М, друштвата кои се носители на лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија имаат обврска, до РКЕ да достават податоци за трошоци за регулираниот период.

Информацијата ја потврдуваат и од Регулаторната комисија за енергетика до која е веќе стигнато барањето на „Балкан енерџи груп“.

Оттаму велат дека БЕГ бара зголемување на цената на парното, но допрва ќе се одлучува дали и колку ќе им се дозволи да ја зголемат цената.

Во меѓу време, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски предупреди дека власта немала ниту капацитет ниту стратегија за справување со енергетската криза. Ваучерите од 1.000 денари за помош, според него, биле купи ден продај политика.

И додека се крои нова повисока цена за парното, во исто време се подготвува и нова повисока цена на струјата за следната година. Од владата велат дека поскапувањето нема да надмине 10%.

Енергетските компании веќе најавија загуби. Според првичните пресметки – струјата би се зголемила за 40%. Дистрибуција побарале 100% зголемување, „МЕПСО“ 82%, додека „ЕВН Хоум“ доставиле само трошоци во кои е вкалкулирана и зголемената производна цена на „ЕСМ“ од 13% што ја одреди Владата. Новата цена на струјата за домаќинствата ќе биде соопштена најдоцна до петок.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста