Подготвени сме да ги пречека и другите: Првите 149 од најмалку 750 Авгастанци пристигнаа во Македонија

Првите 149 од најмалку 750 бегалци од Авганистан пристигнаа во Македонија. На половина час пред полноќ на скопскиот Аеродром слета првиот авион со Авганистанци, кои наредниве 90 дена ќе бидат во земјава. Од авионот прва излезе жена која е бремена во 39-тата недела и со возило на брза помош итно беше однесена во болница.

Авганистанците беа пречекани од заменик амбасадорот на САД во Македонија, како и претставници од Владата, предводени од министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тој кажа дека со ова сме ја покажале солидарноста на дело, односно сме примиле луѓе чии животи биле доведени во прашања, а биле сојузници на македонската мисија во Авганистан. Потенцираше и дека државата е подготвена во секој момент да ги прими другите бегалци кои треба да пристигнат.

-Значи ние сме дале согласност досега за 750 граѓани, жени и деца со име и презиме кои што беа претходно најавени и проверени дека се дел од меѓународните организации, со кои сме соработувале ние, нашата војска, нашите партнерски организации. Како ќе се појават услови за да може да излезе следната група, која што е најавена и потврдена, тогаш ние ќе бидеме подготвени достоинствено да ги пречекаме, изјави Османи.

Османи кажа и дека станува збор за лица вработени или соработници на меѓународната организација „Отворено Владино Партнерство“, каде Македонија е официјална членка.

Првите 149 бегалци од Авганистан пристигнаа во Македонија, тоа е само дел од бројката која наредниов период ќе пристигне во нашата држава, откако во Авганистан се случи промена на власта, односно таму на власт дојдоа талибанците.

Бегалците ги пречекаа и екипи од брзата помош. Раководителката на Службата за итна медицинска помош и домашно лекување при здравствен дом Скопје, кажа дека државата е подготвена да им ја даде целата здравствена нега на лицата од Авганистан.

-На сите граѓани кои дојдоа од Авганистан ќе им биде направен ПЦР тест во однос на ковид 19 и ќе им биде проверен вакциналниот статус. Значи на нив, доколку изразат желба за вакцинација од ковид 19, ќе бидат вакцинирани, доколку во текот на проверката на ПЦР тестот се констатира дека имаме позитивни, кон нив ќе се спроведе 14 дневен карантин, вели Бубало.

Инаку, првично во Македонија беше предвидено да пристигнат 780 бегалци, но 30 од нив заминале во други држави. А дали таа ќе биде конечната бројка не знаеме, со оглед дека премиерот Заев најави дека Македонија е подготвена да прими дури 1.800 Авганистанци.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста