Под притисок на јавноста СДСМ најави дека ќе гласа за резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ со која се бара да бидат поставени македонските црвени линии во преговорите со Бугарија ја доби поддршката од СДСМ. Изненадувачки, по цврстиот став на власта дека таков документ не е потребен оти јазикот и идентитетот се загарантирани, СДСМ експресно го смени ставот – ќе ја подржат резолуцијата таква како што ќе стигне пред пратениците.

По изненадувачкиот одговор од СДСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски кој побара национално обединување ја поздрави ваквата одлука. Во статус на фејсбук пишува дека резолуцијата ги содржи националните црвени  линии од кои ниту една Влада не смее да отстапи.

-Резолуцијата ги содржи националните црвени линии од кои ниту една Влада не смее да отстапи. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги обединува сите општествени и политички фактори и да биде носечкиот столб за заштита на националното ткиво и стратешки цели на Македонија. Покажуваме дека обединети сме посилни. Се заблагодарувам на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за својот придонес со создавање на текстот на оваа резолуција. Се заблагодарувам на сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои беа спремни да ја поддржат Резолуцијата или беа спремни на разговор со нас за истата, пишува Мицкоски.

Текстот на резолуцијата кој предвидува цврсти ставови за заштита на македонските национални прашања веќе влезе во собраниска процедура. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека во услови кога е нападнат јазикот и идентитетот ваквите документи за национално обединување се единствениот излез од проблемите.

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ по се изгледа ќе го скара владиниот двоец СДСМ-ДУИ. Ако СДСМ најавува  поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ не сакаат ни да чујат за национален консензус. Министерот и портпарол на партија Бујар Османи вели дека таков документ ќе и донесе штета на државата.

-Демократската унија за интеграција ја гледа иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за Резолуција за Бугарија како обид да се добијат политички поени во пресрет на локалните избори. Тоа им штети на интересите на државата и сите граѓани, вели Османи.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се сретна и со помалите парламентарни партии на ДОМ, ЛДП  и Демократски Сојуз, кои најавуваат дека ќе застанат на иста страна и даваат поддршка за резолуцијата која ќе донесе заштита на националните интереси.

ВМРО-ДПМНЕ, ќе побара со оваа резолуција, Собранието, да ја обврзе Владата, и сите институции во надворешната политика, да постапуваат, според овие позиции..

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста