Под посебни протоколи утре се конституира Собранието, Џафери ќе ја води седницата

Прва седница во Собранието на Македонија под маски. Седница ќе ја води спикерот Талат Џафери кој иако беше во болница поради пневмонија, сепак е негативен на вирусот и ќе претседава со десеттата конститутивна седница на парламентот од осамостојување на Македонија.

Џафери вели дека е во добра здравствена состојба.

„Се чувствувам добро и мислам дека веќе е извесно дека јас ќе претседавам со конститутивната седница утре“

На дневен ред на седницата има четри точки.

1.Избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Македонија

2.Верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Македонија;

3.Избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија;

4.Избор на претседател на Собранието на Република Македонија.

Според избори на Алфа, најверојатно ќе се разгледуваат само првите две точки од дневниот ред, за 3тата и 4тата точка се поизвесно е дека ќе бидат оставени за наредната седница кога веќе ќе бидат појасни контурите на новата влада.

Иако неофицијално нема да се разгледува 4тата точка, во теорија согласно деловникот пратениците можат да предложат име за нов претседател на собранието. Потребни се 20 пратеници за ова, но доколку не се изгласа предлогот кои тие ќе го дадат, во иднина тие 20 пратеника не можат да предлагаат ново име, ниту пак нивниот предлог повторно да се разгледува како варијанта за потенцијален претседател на собрението.

Собраниската седница според предвидените протоколи и мерки за заштита од коронавирусот ќе се одржи во големата сала со купола. Таму може да биде обезбедено соодветно растојание меѓу пратениците, собраниските службеници и други лица кои треба да се присутни. Но оти нема електронски систем за гласање, ќе се гласа со картончиња кои ќе се обезбедат за сите пратеници.

На секој што ќе влезе во собраниската зграда ќе му биде измерена температура.

Бројот на медиумските работници во законодавниот дом ќе биде ограничен, а активностите во салата ќе се следат во живо преку Собранискиот канал и со стримови во живо.

Прес-конференции ќе бидат организирани во Кристалната сала каде што би имало доволено простор за одржување дистанца.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста