Почнува масовната вакцинација со Синофарм

Со пратката од 200.000 вакцини на кинеската компанија Синофарм, кои македонските власти га најавуваа со месеци, и официјално стартуваше т.н. масовна имунизација во Македонија. Спортската сала Борис Трајковски и натаму е главен вакцинален центар, но од утрово вклучени се уште шест спортски сали во Тетово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Куманово.
Но, стартот на вакцинацијата не мина без проблеми. Во Штип, пунктот наместо во 8 часот, со работа почна во 10, бидејќи матичните доктори термините ги закажувале утрово, оти не работеле за време на празниците.

Штип е регионален центар на истокот, а денеска таму први вакцина примија повозрасните граѓани. Одзивот е слаб, но тие што дојдоа на имунизација велат дека ова било единствен спас од вирусот.

Во спортските сали ширум градовите дневно ќе се вакцинираат помеѓу 1000 до 1500 граѓани.

По притисок на синдикалните здруженија, имунизацијата на критичната инфраструктура ќе продолжи со прасветните работници кои ќе бидат вклучени во процесот на државна матура. Вакцина ќе добијат и вработените во дипломатската служба, кои спас за вакцинација првично бараа во Србија бидејќи кај нас не беа планирани. Неделава, ред за вакцинација ќе добијат и министрите.

Дневно, според најавите на надлежните, вкупно ќе се вакцинираат помеѓу 10 и 15 илјади граѓани. Ако се оди со тоа темпо, вакцините на Синофарм ќе се потрошат за најмногу 10 дена, а нова поголема пратка за сега не се споменува. Најавените 4 до 7.000 дози од вакцината на Фајзер, кои ќе треба да стигнуваат секој понеленик, не се доволни ниту за потребите за еден ден, ако се суди според најавите за масовна вакцинација на 10.000 граѓани дневно.

Во меѓувреме, во Македонија треба да стигне и втората пратка од вакцините на Астра Зенека преку Ковакс механизмот, но тие ќе бидат наменети само за повозрасните граѓани.
До сега во земјава вакцина примиле над 61.000 граѓани, што е пет отсто од планиранираните 1,2 милиони. Од повозрасните граѓани со над 70 години, се вакцинирале само 20 отсто.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста