Почнува борбата за албанските гласови- завршува романсата меѓу СДСМ и ДУИ?

Дали СДСМ и ДУИ ја започнаа борбата за албанските гласови? Крајот на мандатот почнува да личи на крај на коалиционата романса. Како се наближуваат изборите, така реториката жестоко се влошува, дури станува и навредлива. Последен пример е Фејсбук кавгата меѓу Мухамед Зеќири и Бујар Османи. Потпретседателот на СДСМ го нарече својот коалиционен другар Османи беден патриот.

-О беден патриот, кој го молеше Груевски да му даде решение за работа во клиника, кога твојата партија те избрка од Министерството за здравство, мислиш дека народот пие нафта и не знае кој си и што си направил ти за Албанците. Дали ги помниш твоите ставови за Монструм? Дали забораваш дека си осомничен во случајот „Пациент“ на СЈО? Дали заборави што им има направено на Албанците твојата партија, кога беше на власт со ВМРО-ДПМЕ? Ако ти си заборавил, народот не ги заборава твоите дела и на вашата партија!!!, пиша на Фејсбук Мухамед Зеќири.

Препукувањата започнаа кога Зекири искоментира дека граничниот премин Белановце- Станчич досега ќе бил отворен, да не беше како што вели пратеникот на СДСМ, заменик премиерот задолжен за сликање- Бујар Османи. Овој пак само кратко му врати, нарекувајќи го чесен Албанец под наводници.

-Овој „чесен Албанец“ повторно зборуваше. Без нишка на срам што тој го блокира целиот овој проект со месеци, пиша на Фејсбук Бујар Османи.

Откако ДУИ поднесе 5.000 амандмани за измените на изборниот законик, и премиерот Заев најави дека можна е крај на љубовта со Ахмети.

-За изборниот законик? Еве тука ќе настане првата конфронтација, можам да ја најавам. Ние сме најавиле една изборна единица и ќе се бориме до крај. Амандманската расправа можат да ја користат како деловничко право и секако тоа е нивно право. Но, секако ние ќе опстоиме, вели Заев.

Иако во минатото се тврдеше дека СДСМ и ДУИ немаат проблеми во својата коалиција, сепак јасно беше дека состојбата не е таква. Мухамед Зеќири и претходно обвинуваше за криминал во ДУИ. И министерката за труд и социјала, Мила Царовска пред речиси една година го обвини за крадење пари директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зењели. Ваквиот нејзин потег Али Ахмети го сфати како специјална војна против неговата партија. Додека веќе очигледно СДСМ и ДУИ ја почнуваат борбата за гласовите на македонските Албанци, во албанскиот политички блок се окрупнува опозицијата. Алијансата за Албанците преговара за коалиција со Алтернатива и БЕСА

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста