Почнаа преговорите помеѓу СОНК и МОН со посредство на помирувач

По речиси три недели учениците се вратија во клупите. Откако СОНК го стави штрајкот во мирување со цел да се најде решение по пат на медијација, денеска наставниците беа на своите работни места, а школските дворови повторно исполнети со џагор.

Според првиот човек на СОНК, Јаким Неделков наставата се одвива нормално и децата се прифатени во образовните установи. Вчерашниот протест на просветните работници пред просториите на СОНК, Неделков го оцена како жално и непријатно искуство. Вели, безпредметно било тоа што членството се жали дека не биле консултирани пред да биде донесена одлуката за помирување со медијатор.

Непријатно и жално е што најобразованите луѓе во државата дозволуваат да бидат изманипулирани или неинформирани. Вакви протести и упади во просториите на СОНК не личат на просветни работници. Многу е полегитимно нивните права да ги побараат во рамките на организaција, а не да вршат ваков притисок врз раководството. Вакви неидентификувани собирања на кои не го знаеме организаторот не водат кон ништо, вели Јаким Неделков – Претседател на СОНК.

Според правните застапници на СОНК, ставањето на штрајкот во мирување е законска обврска. Велат со привременото стопирање на штрајкот не е целосно прекинат и апелираат наставниците да не потпаѓаат на манипулации и шпекулации.

Штрајкот не е прекинат, туку е само ставен во мирување во наредните 10 дена кој рок е предвиден согласно член 18, став 2 во постапката за мирно решавање на колективниот спор. Согласно член 19 став 2 од Законот МТСП назначи арбитар кој веднаш започна со постапката за помирување. Сакаме да појасниме дека СОНК во овој случај е должен да постапи и постапува согласно Законот, истакна адвокатката Верица Арсова.

Процесот на медијација започна денес со првата воведна средба на ниво на работни групи помеѓу МОН и СОНК, а согласно Законската одредба ќе трае во наредните 9 дена.   

Дијалогот се очекува да се интензивира по празниците, а преговорите продолжуваат онаму каде застанаа во понеделникот кога владата понуди 12 проценти покачување на плата. СОНК на маса ги става бараните 18,4 проценти зголемување на плата, нов колективен договор и континуирано зголемување на платите за 2023 и 2024 година.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста