Почна вакцинацијата во А1 Арената „Борис Трајковски“ – вакцинирани првите полициски службеници

Со околу 3000 термини закажани за денеска започна имунизацијата во поголем обем во А1 Арената „Борис Трајковски“. Стотици здравствени работници и припадници на МВР беа првите кои ја примија првата доза на „Спутник В“. Граѓаните не го криеа задоволството – велат со нетрпение чекале да се вакцинираат.

Здравствените тимови кажаа дека се задоволни од одзивот на граѓаните, но очекуваат во следните денови да има поголема заинтересираност. Им дадоа и совети на оние кои ја примија вакцината.

Мал бил бројот на луѓе кои не се појавиле на вакцинација вели директорот на Здравствен Дом Скопје д-р Исјановски, но кажа дека ќе добијат втора шанса.

Околу пладне службеник од МВР кој требаше да се вакцинира колабираше, па мораше итно да интервенира екипа на итната помош.Според информациите од вакциналниот пункт лицето било исплашено и исцрпено.

Имунизацијата со Спутник В продолжува оваа недела, следни кои ќе се вакцинираат се полицајците, припадниците на АРМ, вработените во јавниот превоз, просветните и медиумските работници.

За почеток ќе бидат вакцинирани околу 4.000 луѓе дневно ширум државата, здравствените власти веруваат дека таа бројка за кратко време ќе достигне и 7.000. Ако се одвива се според планираното вакцините кои ги има Македонија на АстраЗенека и Спутник В би требало да се потрошат до петок.

Инаку, Македонија за разлика од европските земји последна ја почна т.н масовна вакцинација. Кампања нема и ниту еден државен функционер во државата не даде пример дека граѓаните не треба да се двоумат за да ја примат вакцината.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста