Почна вакцинацијата против Ковид – 19 со руската вакцина „Спутник В“

Околу 100 здравствени работници од ковид центарот на прилеската болница први ја примија руската вакцина Спутник В. Тие со огранизиран превоз со три автобуси стигнаа во Скопје. Притисокот врз нивата болница велат е огромен, па затоа побрзале да се заштитат во време кога бројот на новозаразени рапидно расте.

„Не биравме која вакцина, битно беше да се вакцинираме бидејќи ковидот во Прилеп е во експанзија, има доста заболени“, вели Ивица Мијалков, болничар во Општа болница Прилеп.

„Одлучивме сите од инфективното одделение да ја примиме вакцината заради безбедност и ќе дојдеме повторно сите а ревакцинација“, рече медицинската сестра Горица Ражаникоска.

„Заради моја безбедност, заради безбедноста на моето семејство и секако поради работата како болничар“, вели Рамазан Арсланоски.

3000 дози на „Спутник В“ ќе се аплицираат само во Поликлиниката Јане Сандански. Екипите ќе работат од 8 до 20 часот од понеделник до сабота. Откако ќе ја примат вакцината пациентите седат во чекалната по половина час за да добијат итна лекарска помош доколку се случи алергиска реакција.

„Компликации како и сите останати вакцини локална осетливост и болка на местото на апликација, можеби покачена телесна температура. Разликата меѓу Фајзер и Спутник е тоа што со руската треба да се обрне внимание на бремени жени и доилки“, вели доктор Соња Ралева од Поликлиниката „Јане Сандански“.

Во меѓувреме, почна и ревакцинацијата со вакцината на Фајзер. Втората доза први ја примија докторите од ГОБ „8 Септември“. Апелираат до граѓаните масовно да се пријават за имунизација.

„Вакцинирањето на здравствените работници треба да биде пример за сите граѓани, дека само со успешна вакцинација ќе може да ја победиме оваа пандемија. Апел до сите, што побрзо и што помасовно да се вакцинираме, се разбира кога ќе дојдат вакцините, подобро за сите нас“, вели доктор Владимир Ристовски, интернист од ГОБ „8 Септември“, кој денеска меѓу првите ја прими втората доза од вакцината на „Фајзер“.

Првата доза на Фајзер досега ја примиле над 4000 здравствени работници од ковид центрите. Меѓу нив и матични доктори, но и стоматолози што работат со ковид позитивни пациенти.

„Денеска почнавме со втората доза кај здравствените работници. Се тече во најдобар ред. Пациентите за втора доза се закажани на термин. Имаме по 100 до 130 во смена“, вели доктор Сања Цилевска Младеновска, од Здравствен дом Скопје

Иако првично беше најавено дека следни во процесот на вакцинација ќе бидат лицата постари од 70 години и хронично болните, од МЗ велат дека вакцинацијата за сега ќе продолжи само со здравствените работници, бидејќи тие поради новиот корона бран се под висок ризик да го добијат вирусот.

Во Македонија има едвај 11.000 анти кови вакцини и тоа благодарение на донацијата од Србија која отстапи 8190 дози од вакцината на Фајзер. Владата до сега само ветуваше дека вакцини ќе стигнат де во јануари, де во Февруари, но успеа да купи само 3000 вакцини од рускиот производител Спутник В.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста