Почна седницата за разрешување на Катица Јанева

Собранието ја започна 112-тата седница со единствена точка на дневен ред разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор и осомничена за случајот „Рекет“.

На седницата присуствуваат пратеници и од владеачкото мнозинство и од опозицијата.

На 5 септември, Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

На пленарната седница нема да се расправа за извештајот на Советот на ЈО, туку само за предлогот за разрешување. Одлуката се носи со двотретинско мнозинство и со т.н. Бадентерово гласање, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители.

Јанева во моментов е во притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“.