Почна санирањето на главниот мост кај Карбинци по ланските штети од надојдената Брегалница

Почна да се санира главниот регионален мост на река Брегалница кај Карбинци кој селата Горни и Долни Балван ги поврзува со општината. Со градежна механизација се прави пренасочување на речното корито за проектантите да направат увид и да ги утврдат  штетите што во декември минатата година ги направи надојдената Брегалница. Првичните проценки покажуваат дека за дваесетина сантиметри попуштиле главните носачи на мостот , поради што на средината  е направена сериозна вдлабнатина.

  „Штом се ослободи падниот столб проектантите ќе влезат и ќе  направат геомеханички испитувања кои се потребни за изработка на проектот. Нема да губиме време и простор повеќе, ова ќе се направи веднаш штом ќе се направи дислокација на течението на река Брегалница„-изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.

Освен во Карбинци, полавите направија сериозни штети и на инфраструктурата во Берово.Оштетени се неколку локални патишта, пешачки патеки, како и потпорен ѕид долг 15метри.  Направени  се првичнипресметки, но за старт на работите се чека подобрување на временските услови..

 „Ќе пристапиме со барање кон Бирото за јавни набавки да можеме да воспоставиме постапка за преговорање за на тој начин ги утврдиме фирмите и по некој соодветен временски период истите да бидат санирани„-изјави Ѕвонко Пекевски, градоначалник на Берово.

Обилните врнежи од дожд лани во декември енормно го зголемија водостојот на Брегалница. Најкритично беше во Пехчево и Берово каде постоеше опасност да бидат однесени и неколку мостови во градот. Кај Делчево реката се излеа од своето корито  и го однесе мостот кај село Трботивиште. Водениот бран не го заобиколи ниту Облешево каде беа поплавени неколку куќи.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста