Почна новата учебна година – родителите се надеваат дека децата нема повторно да се вратат на онлајн настава

Радост, смеа и детски џагор одекна низ уличишните дворови на стартот од новата учебна година. Приемот на учениците се одвива под строги протоколи за заштита од корона вирусот, со мерење на температура и дезинфекција на влезот од училиштата. Годинава наставата ќе стартува со физичко присуство во училниците и покрај лошата епидемиолошка состојба во земјата. Највозбудени беа првачињата за кои денеска стартува една нова образовна приказна. И покрај предизвиците и ризикот од корона пандемијата родителите се децидни дека најдобра едукација за нивните деца е онаа од училишните клупи.

„Се да помине во најдобар ред, да не завршат дома повторно онлајн, туку да си продолжат цела година како што треба. Ќерка ми и лани беше прво одделение, одеше со физичко присуство, супер поминаа, немавме никакви проблеми. Верувам дека и оваа година исто ќе биде“, вели мајка на девојче кое денеска тргна во второ одделение.

„Имаме прваче оваа година. Им посакуваме среќа на сите ученици посебно на сите првачиња. Да бидат успешни, да имаат многу петки. Физичкото присуство допринесува да бидат повеќе присутни во наставата. Да се запознаат со своите другарчиња, да не остави некоја трага во нивниот раст и развој понатаму, но понатаму со вакцинација на наставниот кадар и родителите би требало да продолжиме во некоја нормала“, вели родител на првооделенец.

Но, над 500 ученици од скопската населба Лисиче новата учебна година ќе ја започнат преку онлајн настава. Причина за ова е што новата училишна зграда на уличиштето Димитар Македонски, објект кој беше и предизборно ветување на актулениот градоначалник Златко Марин, се уште не е финиширана. Училишните клупи наредени во дворот на училиштето беа подготвени да ги пречекаат првачињата, но од утре, и тие заедно со останатите 580 ученици од ова училиште наставата ќе ја следат од далечина. Од раководството на училиштето, чија изградба трае повеќе од 5 години, признаваат дека изведувачот не го запазил рокот за изградба и оти одложувањето на учебната година со физичка настава предизвикало револт и кај родителите и кај учениците.

„Сега наставата ќе се одвива целосно онлајн од прво до деветто одделение. Рокот е до 19 септември не знам дали ќе се испочитува, неблагодарно е од мене да дадам оценка, меѓутоа се додека не биде готово целосно училиштето, ни ќе мора да тераме со онлајн настава. Постојано сме во комуникација со советот на родители, имавме средба вчера, револтот е голем, како кај нас вработените, така и кај родителите и кај поголемите ученици. Но, во моментот ништо повеќе ние како училиште не би можеле да направиме. Се прилагодуваме на условите“, вели директорката на ООУ Димитар Македонски, Јулијана Тодоровска.

Во меѓувреме, родители од Иницијативата учебници и настава мора да има, револтирани од како што велат, игнорантскиот однос на министерката за образование Мила Царовска најавуваат бојкот на наставата од понеделник. Велат не се согласни со новата концепција за дигитализација на образованието, ниту пак имаат можност да купуваат таблети за нивните деца.

Од Министерството за здравство пак најавија две можни сценарија за текот на учебната година доколку се влоши епидемиолошката состојба. Целосна настава од далечина или комбиниран модел. Одлуката ќе ја носат епидемиолозите заедно со МОН, а ќе важи за секое училиште поединечно.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста