Почна масовното тестирање, можно е отворање на градинките

Околу 2000 негователи од детските градинки од утре ќе бидат тестирани за корона вирус. Ова е дел од масовниот скрининг кој минатата недела го најавија здравствените власти. Тестирањето на негователките отвора друга дилема – дали власта брза да ги отвори градинките за да покаже пред јавноста оти животот се враќа во нормала? Министерот Филипче вели дека тестирањето на вработените во градинките ќе овозможи владата да направи протокол за ставање во функција на градинките кога ќе има потреба за тоа. Според надлежните, со отворањето на економските оператори и враќање на граѓаните на своите работни места ќе се наложи и потребата децата да бидат згрижени додека родителите им се на работа.

По негователките, тестирани ќе бидат и здравствените работници, вработените во старските домови, шалтерските работници во јавните институции, возачите во ЈСП и таксистите, но и пациентите пред да бидат примени на болничко лекување. Сите ќе бидат тестирани за присуство на вирусот, со молекуларните ПЦР тестови. Целта вели била да се идентификуваат асимптоматските носители кои не се ни свесни оти го имаат вирусот бидејќи немале симптоми.

„Сметаме дека е ова најдобриот пристап заради тоа што и на тие несвени носители на вирусот ќе бидеме во можност контактите да ги ставиме во излолација. Затоа и го крстивме таргетиран скрининг. Сметаме дека во оваа фаза анализа на антителата нема да даде резулати коишто може да ни влијаат да носиме ненакви одлуки и политики за некакви мерки. Тоа би дошло предвид подоцна во текот на летото кога веќе ќе имаме повеќе месеци изминати од епидемијата и кога е можно да се очекува поголем број граѓани да ги имаат антителата односно да се носители на имунитетот“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Во однос на намалениот број на дневни тестирања, надлежните велат оти пандемијата спласнува, а со тоа и бројот на граѓани кои имаат симптоми или индиции да бидат тестирани за Ковид 19.

Биљана Божиновска