Почна имунизацијата во Македонија, докторка и сестра први се вакцинираа – Филипче ќе ја чека следната пратка

Со зборовите „со среќа“ 64-годишната Примариус д-р Добринка Наунова Јовановска и главната сестра на Инфективната клиника Габриела Темелковска ја примија анти ковид вакцината на Фајзер.Тие две беа првите медицински работници кои беа имунизирани изутрината. По аплицирањето на првите дози тие изјавија дека се чувствуваат добро и упатија порака дека имунизацијата е единствениот начин за да ставиме крај на пандемијата.

„Ќе се чувствувам посигурна ако случајно дојдам во контакт со некој којшто е инфициран – дека многу полесно ќе се справам со таа инфекција, со тој контакт. За мене ќе донесе голема сигурност тоа што сум примила вакцина и веројатно ќе бидам заштитена многу повеќе од оние што не примиле вакцина.“ – рече Примариус д-р Добринка Наунова-Јовановска – инфектолог.

„Секако дека се чувствуваме посигурни дека со вакцинацијата ќе се намали и бројот на новозаболени и дека ќе почнеме да се враќаме во нормален живот“ – вели Габриела Темелковска – главна сестра на Клиниката за инфективни болести.

Но зошто министерот за здравство Венко Филипче, не беше меѓу првите кои ја прими вакцината за да ги охрабри и биде пример за граѓаните, како што во голем дел од земјите функционерите беа први кои што се вакцинираа? Тој многупати кажа дека предост ќе им даде на здравствените работници, но меѓудругото рече и дека ќе се вакцинира со првата вакцина која ќе пристигне во земјава. Но денеска не го стори тоа.

“Конечно би се вакцинирал помеѓу првите со било која вакцина која што прва ќе пристигне во земјава. И конкретно со кинеската.” – рече Филипче пред десетина дена.

“Не сакам да земам место од овие сега првични дози, кои што се навистина броени, на колегите кои што директно работат со пациентите, сигурно ке се вакцинирам некоја во следните тури на вакцините кои ке дојдат со цел да покажам на граѓаните дека тоа е тоа што тие треба да го направат, додаде министерот.” – вели Венко Филипче, министер за здравство.

Инаку, овие 4.680 дози на Фајзеер кои Македонија ги доби од Србија, според планот за имунизација би требало да се потрошат за десет дена. Но прашањето е, дали во тоа време ќе пристигнат и останатите вакцини на кои Македонија се надева  200.000 од кинески Синофам и 4.000 дози на Фајзер. Иако ова е мала бројка за постигнување на колективен имунитет, засега здравствените власти не размислуваат за набавка на “Спутник В” и покрај тоа што анкетите покажуваат дека македонските граѓани најмногу веруваат во руската вакцина. Но и меѓународните истражувања покажуваат дека Спутник е една од најефикасните и насигурните. Здравствените власти очекуваат кинеските и останатиот дел од дозите на Фајзер да пристигнат до крајот на месецов,односно следната недела, но ако не се остварат нивните прогнози, тоа би значело прекин на имунизацијата.