Почна гласањето на предвремените парламентарни избори во Македонија

Секое гласачко ливче на кое ќе има прецртување, шкртање и допишување ќе се смета за неважечко. Тој глас нема да се брои на контото на ниедна политичка партија. Од ДИК велат гласањето е валидно само со заокружување на бројот пред носителот.

Согласно Изборниот законик и упатството донесено од ДИК, граѓаните своите гласачки ливчиња треба да ги одбележат со заокружување на редниот број на подносителот на листата. Напоменувам, со заокружување на редниот број на подносителот на листата, ниту еден друг знак не смее да биде ставен на гласачкото ливче бидејќи во таков случај, гласачкото ливче ќе биде сметано за неважечко, рече Шабани.

Тој кажа дека Државната изборна комисија е целосно подготвена да се справи со предизвикот народно изјаснување во време на пандемија.
Претседателот на ДИК за Алфа вели дека овие избори има и новитет во врска со информирање на општинските изборни комсии до ДИК за неофицијални бројки.

Државната изборна комисија оваа година изготви посебно софтверско апликативно решение кое ќе овозможи брз трансфер на резултатите од самите избирачки места, првичните неофицијални резултати. По завршувањето на гласањето во 21 часот, избирачкиот одбор пристапува кон пребројување на гласовите, го утврдува и го сумира резултатот и го потпишува записникот со број 16 и вендаш потоа, претседателот или заменикот претседател на избирачкиот одбор со помош на оваа апликација ќе ги внесе бројките односно резултатите од тоа избирачко место. Така ние вендаш во реално време ќе ги видиме тука на екранот во ДИК. Што значи нема да треба да се чека да се носи материјалот во општинската комисија па од таму во ДИК, тоа ќе се прави, но само заради официјализирање на резултатите, вели Оливер Деркоски – претседател на ДИК.

Гласањето на овие парламентарни избори ќе трае три дена. Денеска гласаат позитивните на Ковид 19 и лицата во самоизолација, утре гласаат болните, изнемоштените , лица во притвор или казнено поправна институција, додека пак во среда сите оние гласачи кои не спаѓаат во претхдоните категории. Гласањето во среда ќе трае од 7 часот до 21 часот. Право на глас имаат 1 814 263 граѓани.

За овие избори акредитирани се 2.508 домашни набљудувачи, и 96 странски, како и 56 преведувачи и 55 странски новинари.

Мери Ѓорѓиевска