Почна дистрибуцијата на доверливиот избирачки материјал ОИК

Битолската Печатница „Киро Дандаро“ го заврши печатењето на избирачкиот материјал за претстојните локални избори и утринава, под силно полициско  обезбедување, започна неговата дистрибуција. Четири и пол милиони ливчиња, како и друг доверлив избирачки материјал, во текот на денов ќе бидат дистрибуирани до 80-тете општински изборни комисии и градот Скопје. Според директорот на Печатницата, Драги Милошевски, избирачкиот материјал е со висок квалитет, односно со дури 20 заштити, така што неговото фалсификување или префрлањето на ливчиња од едно на друго избирачко место, практично ќе биде невозможно.

    „За релативно краток временски период од 20 дена завршивме огромна работа, односно отпечативме околу 4,5 милиони ливчиња и огромен материјал кој ги прати овие ливчиња, во смисла на записници и Брајова азбука, се што е потребно за спроведување на изборите…Сите ливчиња се обележани, значи секое ливче си има свое избирачко место. Мислам дека отпечативме околу 40 тона хартија за ливчиња и плус околу 20 тона материјал, хартија за записници и други работи…Значи, 180 различни ливчиња, во овие 180 има двојазични, тројазични, значи на сите јазици…“, изјави Драги Милошевски, директор на Печатницата „Киро Дандаро“ од Битола.

   Според претседателот на ДИК, Александар Даштевски, избирачкиот материјал кој рано утринава беше подигнат од Печатницата, до сите ОИК ќе биде доставен денеска, а додека утре ќе се дистрибуираат уредите за биометриска идентификација.

   „Поделени сме во осум групи, материјалот е подготвен, се товари во камионите, тука се комбињата и камионите на Пошта..и возилата на МВР кои ги следат материјалите бидејќи се работи за доверлив материјал, гласачки ливчиња и изводи од гласачките списоци. Така што се е подготвено…веќе некои рути се направени од сабајле, од 5 часот, сега ќе се направат и другите, предавање на доверлив материјал, ќе ни останат утре да ги предадеме овие уреди за биометриска идентификација на гласачите“, – рече Александар Даштевски, престедател на ДИК.  

   На овие Локални избори, на кои има рекорден број на кандидати и за градоначалници, дури 301, но и на советнички листи, чиј број изнесува 567, право на глас имаат 1,8 милиони граѓани. Годинава новина е и софтверот за читање на отпечатоци од прстите на гласачите.

 Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста