По струјата поскапува и парното
По струјата поскапува и парното во Скопје. Трите компании за топлинска енергија побарале од Регулаторната комисија за енергетика цената за парно греењето да оди нагоре. Најголемо покачување на цената бара ЕСМ Енергетика или т.н. железарско парно и тоа 64.79 отсто, Скопје Север бара за 15,54 отсто поскапи сметки, додека БЕГ, каде се приклучени најголем број скопјани, бара цената да се зголеми за 1,82%. Подготвителната седница за Регулаторна за одлуката ќе биде во вторник, а одлуката за процентот на зголемување на парното ќе се знае идниот четврток.
Од регулаторна велат цената на гасот на светските берзи бележи раст од 50 отсто, а учествува со 70 отсто во одлуката на крајната цена на парното.
Во моментов, цената на природниот гас на светските берзи бележи значителен раст за повеќе од 50% во однос на цената на гасот лани кога се носеше одлуката за цената на парното. Практично, летната цена на природниот гас е повисока од зимската цена во 2020 велат од Регулаторната комисија за енергетика.
На централните системи за греење во градот Скопје на трите компании заклучно со април годинава се приклучени околу 60 000 станови што претставува раст од околу 2 000 нови потрошувачи.
Неодамна, струјата поскапи за 12,36% но сметките на граѓаните останаа речиси исти, бидејќи пратениците го изгласаа намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5 проценти. Но веќе следната година граѓаните ќе плаќаат поскапа струја оти ДДВ-то ќе се покачи на 10 проценти, а вистинската цена на струјата ќе ја имаме во 2023-тата година кога данокот на додадена вредност ќе се врати на сегашната стапка од 18 проценти.
Во најава е и носењето на законот за еколошката такса со која ценета на горивата ќе се зголеми за 4,13 денари. Опозицијата критикува дека власта воведува кризен данок кој ќе удри директно врз џебот на граѓаните. Најавија и повеќе амандмани со кои ќе се обидат да го спречат носењето на законските измени.
Викторија Миткова