По скандалот, Фондот за иновации ќе „внимава“ како ги доделува парите

Функционерските фирми на кои им беа одобрени спорни грантови од Фондот за иновации никогаш и не ги добиле парите. Оттука и нема што да вратат. Државата работи на системско решение со кое во иднина ќе се избегнат скандали како оној што изби пред два месеца.

– Протоколот ќе го искористиме и за овие четири компании, но и за сите следни ситуации со кои може да се соочиме. Целта е, не со ад-хок, туку со системски решенија да се справуваме со овие ризици понатаму, рече директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депостовски.

Од Фондот за иновации велат дека тие ќе бидат првата институција со вакви протоколи, но и дека и досега се јавувале спорни ситуации и при јавните набавки и тендерите.

– Фондот е прва институција што воведе обврска за декларирање носител на јавна функција во сопственичката структура и што ќе примени системско решение. Четирите компании во моментов не се толку важни, договори немаме секако потпишано со нив, а за останатите процесот е веќе завршен. Битно ни е преку ова искуство да дојдеме до системско решение, додаде директорот на Фондот, Депостовски.

Инаку, скандалот во Фондот за иновацииизби откако беше објавено дека дел од грантовите кои тежат и по неколку стотици илјади евра биле доделени на фирми на луѓе во власта или блиски со нив. Потоа беше побарано сите да достават изјави дека не постои конфликт на интерес, а четири компании наведоа дека во дел од сопственичката или управувачката структура имаат поврзаност актуелни или поранешни функционери.

Борис Грујоски