По РЕК Битола, „пипците“ на поранешната власт уште го цедат и ЕСМ
Не се испумпуваат пари набрзина преку тендери само во РЕК Битола, туку и во Државните електрани од страна на се уште непроменетите кадри од претходната власт. И тоа за купување струја. ЕСМ вчера објави „тајна“ набавка за струја за два дена, за која ќе плати 2 милиони евра – пишува порталот Фактор. Испораката е предвидена денеска и во сабота. ЕСМ барала понуди да купи 200 мегавати моќност за период од 48 часа. Тоа е еднакво на вкупниот инсталиран капацитет на еден блок во РЕК Битола. Не се знае дали тоа значи дека еден блок во РЕК нема да работи во некој од овие денови за да може да се оправда овој увоз на струја. Се работи за 18.200 мегаватчасови електрична енергија за кои според актуелните берзански цени од 107 евра за мегаватчас струја, ЕСМ ќе плати најмалку 2 милиони евра.
Раководството на ЕСМ веќе подолг период работи нетранспарентно и не ги објавува јавните набавки за увоз на струја на интернет страницата, без да понесе никаква одговорност за тоа.
Инаку, Алфа претходно објави и дека раководството во РЕК Битола, се брза пред заминување, па склучило рекорден број договори по распишани тендери, вкупно 30 за само една недела. Од сите тендери, омилената и контроверзна Марковски компани добила шест набавки во вкупна вредност од 6 милиони евра. Оваа фирма се поврзува со сомнителни тендери токму во овој комбинат. Компанијата на белорускиот почесен конзул во предизборниот период „ќари“ тендер тежок над 4.8 милиони евра за изнајмување на багери, камиони и помошна механизација. Минатата година Марковски компани доби неколку тендери. Во јавноста остана запаметен оној од фантастичните 46 милиони евра од ЕСМ за Ископ на јаглен и јаловина, а неколку дена претходно за истата намена се „офајдија“ со тендер од скоро 25 милиони. Компанијата ги добива тендерите во РЕК во последниве 5 години.
Премиерот Мицкоски во неколку наврати фрли сомнеж врз работата на РЕК Битола и други државни претпријатија и обвини за епски криминал направен од страна на претходната власт на СДСМ и ДУИ.
Јавното обвинителство има полни раце работа и веќе почна да ги „чешла“ овие фирми. Освен за милионските тендери во РЕК, Обвинителството отвори предистраги и за случаите со Коридорите 8 и 10, Железничката пруга кон Бугарија со излез во тунел без крај, финансиската дупка од 8 милиони евра во Национални шуми. Обвинителите веќе имале средби со ревизори и постапувале во сите случаи каде има сомневања за злоупотреба на народни пари.