По речиси два месеца сеуште нема одговори како изгоре модуларната за само три минути-истрагата тапка во место

И после речиси два месеца,многу дилеми и прашања остануваат неодговорени за страотниот пожар во тетовската модуларна болница.Зошто се запали и изгоре толку брзо,имало ли исправна инсталација,дали бил објектот уредно проектиран и со какви материјали изграден.Се бараше брза истрага,но, и после толку време, единствено што се дозна од вештачењето на МВР е дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор, односно апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Од Јавното обвинителство тогаш посочија дека ова вештачење е само еден од обезбедените докази, најавувајќи дека се очекува во тетовското обвинителство да пристигнат извештаите и од други надлежни институции, како и вештачењето од германските експерти.До каде се извештаите и воопшто целата истрага,во ЈО без конкретни информации. Истрагата велат, си течела.

Јавните обвинители кои преземаат дејствија во насока на расчистување на причините за пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, интензивно постапуваат. Се очекува во обвинителството да пристигнат извештаите од наредените вештачења, меѓу кои и вештачењето од експертите од Република Германија. Откако ќе се приберат материјалните и вербални докази, обвинителите ќе ги разгледаат и анализираат, ќе биде утврдено дали и каде постои кривична одговорност,  по што ќе биде донесена и одлука за натамошниот тек на постапката – велат од ЈОРМ.

После пожарот оставки понудија двајцата директори на болницата,како и Министерот за здравство и неговиот заменик.Но, по објавувањето на вештачењето на МВР,Премиерот Заев, одлучи да не ги прифати оставките на Филипче и Хасани, правдајќи ги, дека немале вина.Од одговорност се иззема и општина Тетово,од каде се изјаснија дека целата надлежност за модуларните болници била на ресорното министерство.Одлуката на Заев предизвика бурни реакции во јавноста,која бара одговорност за несреќата.

Пожарот,во кој изгореа 14 лица се случи вечерта на 8 септември.На видеото од безбедносните камери се гледа како пациенти се спасуваат преку прозори, а објектот е цел во пламен, за само три минути.

Милена Вучевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста