По провокацијата од БАН – Заев ќе разговарал со Борисов, а Мицкоски бара резолуција за јазикот

За негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија, премиерот Заев ќе разговарал дирекно со Борисов, ама пријателски и отворено, без муабети и префрлања „кој прв почнал“. Средбата, појасни Заев, ќе се одржи на почетокот на 2020 година.

-Ние сме пријателски земји и ваквите дисонантни тонови се недозволиви каде што во 21 век зборуваме за идентитет којшто е впишан целосно во сите анали, во сите документи и во сите меѓународни организации. Јас го добив аплаузот и од бугарските пратеници кога зборував на македонскиот јазик во Европскиот парламент. Потпишаниот договор за соработка и пријателство со Бугарија е на три јазици, и тој е потпишан согласно Уставот, односно на македонскиот јазик. Ќе разговарме отворено и пријателски, а не да се префла, кој прв кажал, изјави Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, повторно ја актуелизира иницијатива македонското Собрание да усвои резолуција како одговор на ваквите позиции. Според Мицкоски, истата треба да се донесе со консензус за заштита и потврдување на посебноста и автентичноста на македонскиот јазик.

-Таквата Резолуција нема да значи никаква претензија, туку потврда за нашето и испраќање на политичка порака дека како држава сепак имаме кичма и свој јазик различен од сите други, по кои се препознаваме и разликуваме од останатите. За ваквата Резолуција е добро да се изјасни и Зоран Заев и се надевам дека овој пат нема да се двоуми и молчи како што тоа го прави за предлогот за ограничување на амнестијата, испитување на имот на политичарите, кандидат мандатар и измени на Законот за јазици во склад со Венецијанската Комисија и Уставот“, пишува Мицкоски на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Провокацијата од Бугарија пристигна пред неколку дена и тоа од највисоката научна институција Бугарската академија на науките. Ставот на бугарските акадмици, што следеше по донесување на повелбата за македонскиот јазик од страна на МАНУ, е дека македонскиот јазик не постоел, туку бил писмено – регионална норма на бугарскиот.

Досега освен Институтот за македонска литература кој излезе со остра осуда кон бугарските академици, најжестока реакција пристигна од претседателот на државата Стево Пендаровски. Според него убедување дека македонскиот јазик и нација постојат е губење време, како и дека никој нормален не би дебатирал за ова.

Сања Трајковска Ставров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста