По протестот на матичните лекари, само ветување од надлежните дека проблемите ќе биле решени

Без издавање рецепти и без прегледи преку Мој термин – вака матичните лекари и медицинските сестри го истакнаа револтот кон здравствените власти. Работеа само со итни случаи и во текот на целото работно време беа во своите ординации. Поголем дел од граѓаните го поддржаа предупредувачкиот протест.

Ова беше предупредувачки протест. На средбата со матичните, заменик министерот за здравство вети дека преку работни групи ќе се обидат да изнајдат решение.

“Заеднички ги разгледавме и одредени казнени мерки на кои се залеа матичните лекари, а се изрекувани од ФЗО, имавме состанок во текот на денешниот ден со менаџментот на Фондот и договоривме во иднина да се гледа за некои помали, навистина административни грешки, казните да не бидат парични, туку да бидат во форма на опомена“, изјави заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски.

Од Здружението на матични лекари бараат да се исполнат сите нивни барања, во спортивно не ја исклучуваат можноста повторно да го активираат протестот.

„Јас ги изнесов сите наши забелешки. Апелиравме да се формираат веднаш работните групи, а заедно со Лекарската комора апелиравме во секоја работна група да има човек кој ги разбира и има позитивен став кон нашите барања. Очекуваме сето ова што беше кажано да стои, бараме да има континуитет во сите наши договорени барања и оние со претходниот министер за здравство, се со цел да имаме задоволни и мотивирани здравствени работници кои ќе работат за доброто на своите пациенти“, вели Чолакова Дервишова.

Лекарите во страв, неисполнувањето на нивните барања, може да доведе до затворање на амбулантите.

Навистина не сме задоволни после оваа пандемија, толку многу сме направиле, а никој за нас ништо не направил. Истите барања стојат со години, тоа е за подобро на пациентите – вели д-р Ирена Витановска, општ лекар.

Дека овој проблем трае со години, алармираат и од Комората за приватно здравство која неодамна беше формирана со цел подобрување на условите во приватните здравсвени установи.

Еден дел од проблемите доаѓаат како последица од пандемијата и товарот кој падна пред се врз приватното здравство, но голем дел од проблемите се децениски – вели д-р Тања Дејаноска, претседател на Комора за приватно здравство.

Матичните лекари два месеци немаат земено надомест од Фондот за здравство, бараат олеснување на казнената политика, основен пакет на услуги и повисока капитација. На протестот се приклучија и стоматолозите и специјалистите кои имаат договори со ФЗОМ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста