По притисок од јавноста власта се откажа од идејата цела администрација да зема минималец

По бурните реакции во јавноста и алармот на експертите, Владата го одби предлогот на Заев за минимална плата за администрацијата. 14.500 денари во април и мај ќе земат само именуваните функционери, министрите, градоначалниците, директорите на јавни претпријатија… Ова сепак нема да важи за директорите во ЈЗУ. Приватните фирми, пак ќе добијат две опции, минималец од 14.500 денари за секој вработен или субвенции за придонесите во висина од 50 отсто. Сепак ќе мора да исполнат и неколку предуслови. Да не делеле дивиденди, бонуси и годишни награди. Оние кои ќе прикажат загуба за тековната година ќе им бидат простени парите – другите ќе мора да ги вратат. Ова ќе важи и за медиумите.

„Работодавачите што ќе добијат финансиска поддршка од оваа мерка имаат обврска истиот број на вработени што го имале во моментот на аплицирање да го задржат заклучно со месец септември 2020 година. Добиената финансиска поддршка нема да ја враќаат работодавачи што искажале загуба за 2020 година. За останатите враќањето е лимитирано до износ од 50% од добивката пред оданочување зголемена за оданочивите расходи“, рече техничкиот премиер, Оливер Спасовски.

Малите и средни претпријатија ќе добијат можност за безкаматни кредити со грејс период од 12 месеци. Најмалку ќе може да земат 3000 евра или максимум до 90.000 евра. 50 милиони евра преку развојната банка, ќе нудат деловните банки за поддршка на ликвидност на компаниите за нови проекти и нови вработувања. За физичките лица банките да ги одложат кредитите за три до шест месеци.

„Со оваа уредба се овозможува банките на лесен и едноставен начин да ги одложат кредитите на своите клиенти без потпишување на анекси и без одење на шалтер и во физичките локации на банките. Банките на правните лица ќе им понудат поповолни услови како пролонгирање на отплатите, репрограм, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, додека кај физичките лица банките ќе ги одложат отплатите на ратите на 3 до 6 месеци. Секоја банка ќе ја донесе одлуката на своите надзорни одобри и ќе ги извести своите клиенти“, додава Спасовски.

Минимална плата за следните два месеци ќе добијат и спортистите и уметниците, граѓаните кои останале без работа ќе добијат 50 отсто од просекот кој го земале во последните шест месеци. По 7000 денари ќе добие секое домаќинство со лица кои не се вработени или биле дел од неформалната економија. Тука влегуваат 50.000 семејства.

Владата одлучи да ги стопира извршувањата до крајот на јуни. Забрането е и отворање на стечајна постапка и до шест месеци по завршување на кризата, а ќе се формира и солидарен фонд за помош на стопанството кое се соочува со последиците од корона кризата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста