По последните пораки од ДУИ, Тошковски дециден: Жестоко ќе одговориме ако има обиди за дестабилизација
Дали сте подготвени ? прашува ДУИ, ама за што не кажува. Министерството за внатрешни работи жестоко ќе одговори на секој обид за дестабилизација, вели Панче Тошковски. Досега сведочевме на повеќе обиди – со подгревање на меѓуетнички тензии, но полицијата се справи и така ќе биде во иднина дециден е министерот за внатрешни работи. Одговорот на Тошковски следи по синоќешниот состанок на партијата на Али Ахмети од каде со фотографија на Груби, Османи, Бектеши, Бесими, Адеми, Шаќири напишаа дека се тука и подготвени, а потоа на социјалните мрежи осамна слоганот „Дали сте подготвени?“ Трансперент пак со слика од Ахмети и порака на албански јазик „Комеданте ние сме спремни“ беше закачен утрото на автопатот Скопје – Тетово во Сарај. Ваквите пораки делуваат заканувачки ако се имаат предвид највите дека се подготвуваат црни сценарија во кујните на ДУИ за дестабилизација.
- „Службите во рамки на институционалните форми кои што ги имавме во државата, а се занимаваат со овој тип на надлежност, проследуваа и проследуваат соодветни информации до надлежните раководни органи во рамки на истите. Тие беа споделувани соодветно и со премиерот и со претседателката. Така што, сето она кое што сме го говореле во минатото, од аспект на обиди какви што веќе видовме во овие месец дена, за подгревање на меѓуетнички тензии, дека се реалност, соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина. Кога велам соодветно одговараме, велам дека МВР ги има соодветните капацитети за да одговори на начин на кој што ќе биде потребно сè со цел сите граѓани да се чувствуваат безбедно и мирно и во рамки на тој безбеден и мирен систем да ги остварува правата“, рече министерот.
Премиерот Мицкоски пред околу два месеци предупреди дека институциите имаат сознанија дека интегративците подготвуваат жешка есен, односно преку демонстрации да предизвикаат дестабилизација. Целта на оваа операција би била да ги заштитат незаконски стекнатите пари. Тошковски пак е дициден дека истрагите кои ги отвори МРВ се работат а резултати најави дека ќе има. Без да навлегува во детали, соодветно со доказите вели министерот кривични пријави ќе бидат поднесени.
- „Потребно е време за во рамки на една законита процедура, почитувајќи ги сите правила и принципи на законито однесување од страна на секој еден кој што е инволвиран во рамки на овие предистражни, истражни постапки кои што сме ги презеле и ќе ги преземаме во иднина. Но, резултати ќе има. Таму каде што имаме докази, дека е прекршен законот и одредени стандардни оперативни процедури. Таму каде што ќе имаме докази дека душмански е краден македонскиот народ, соодветно ќе одговориме, со кривични пријави и со кривични постапки. Таму каде што ќе немаме докази, ќе си биде исто така соодветно постапено“, посочи министерот Тошковски.
Меѓу истрагите кои ги води институциите се тие за купувањето на Соравиа од младиот Ахмети, за Лотарија, одземањето лиценци за онлајн-коцкање, за ЕУРО ВИА – омилената фирма на ДУИ како и последниот случај со првиот човек на ФФМ, Сејдени.
Како и досега, ДУИ сите овие истраги сака да ги прикаже дека е напад на Албанците во Македонија, па дури најават протести по одлуката на Уставниот суд за „замрзнување“ на алатката балансер.