По најавата за нов полициски час, нереди во Белград – 20 цивили и 43 полицајци повредени

По синоќешниот хаос по улиците во Белград, утринава пустош низ градот. Скршени излози и клупи, откорнати сообраќајни знаци…
Српската полиција рано изутринава им стави крај на повеќечасовните протести во Белград кои почнаа по најавата на српскиот претседател Вучиќ дека ќе биде повторно воведен полициски час во земјата поради коронавирусот.

Денеска состојбата е мирна, но за попладне се најавени нови протести… Протестот почна со само неколку стотици учесници, и подоцна се собраа илјадници. Дел од демонстрантите влегоа во зградата на Собранието, се случија инциденти и судири со полицијата. Демонстрантите фрлаа со јајца, камења, пластични шишиња и факели кон полицијата, десетици контејнери беа запалени, а според првите извештаи има и повредени од двете страни. Откако полицијата доби засилување, ги растера демонстрантите со солзавец.

Демонстратите по растерувањето од Парламентот продолжија со палење на автомобили. Пет полициски возила се запалени.
Според информациите од српските медиуми екипите на брзата помош интервенирале повеќе од 20 пати во текот на ноќта, а повредени се 43 полицајци и 20-тина цивили.

Приведени се 23 лица. За полицијата во Белград нема дилеми. Познати и се организаторите кои го иницирале влегувањето во Собранието на Србија. Според директорот на полициските сили Владимир Ребиќ еден од организаторите е Дамнјан Кнежевиќ, кој со четворица други е упасен, додека поранешниот пратеник Срѓан Ного кој исто така го иницирал овој чин за влегување во Собранието заминал од местото на настанот пред да пристигнат полициските сили.

  • „Мислам дека полицијата долго беше крајно воздржана, употребивме физичка сила дури кога беше употребена против нас, делувавме со екстремна воздржаност, користевме хемикалии само околу 23 часот, на крајот и коњаницата мораше да интервенира. Кнежевиќ и Ного се иницијаторите и организаторите за влегување во Собранието и нападот на полициските службеници. Дополнително ќе се утврдува кои стои зад организирањето на протест , рече Ребиќ.

Инаку, бројот на починати од инфекција со коронавирус во Србија достигна рекорд. Непосредно пред најавата за повторно воведување полициски час беа регистрирани 13 смртни случаи за 24 часа. Според наводи на српскиот претседател, во болниците во Србија во моментов се лекуваат речиси 4000 корона-пациенти.
Забраната за собирање на повеќе од пет лица, во затворен простор и на отворено, стапува на сила денеска во Белград, а полицискиот час од петок до понеделник.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста