Мицкоски не отстапува од предвремени избори – Власта категорично одбива

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи од барањето за предвремени парламентарни избори кои ќе значат излез од политичката криза. Партијата директно го прозва новиот премиер Димитар Ковачевски да признае дека се плаши од народно соочување,  бараат СДСМ јасно да го каже нивниот став за изборите,но и дали прифаќаат менување на изборниот законик и една изборна единица.

– Од една страна ги манипулираат нивните коалициони партнери и помали партии дека се за предлогот една изборна единица, а од друга страна се согласуваат дека техничката Влада се покажа како неуспешна. А, од трета страна не сакаат да излезат на избори и бегаат од избори, се плашат бидејќи знаат дека ги чека пораз и оставаат да граѓаните да одлучат. Еве уште еднаш јавно прашуваме кој е ставот на СДСМ? Јасно и гласно да го кажат во однос на Изборниот законик и едната изборна единица, за конечно да прекинат да ги манипулираат нивните коалициони партнери и помали партии, вели Арсовски.

Ковачевски пак барањето на ВМРО ДПМНЕ за предвремени избори, во време на криза го гледал како несериозно. Наместо да ја прифати фрлената ракавица од опозицијата за нови избори , но и менување на изборниот законик, отфрлање на договорот за пржинска влада, премиерот повикува на партиципативно управување односно соработка со опозицијата, стопанството, научната фела, синдикатите како би се надминале последиците од кризата.

Ние во моментот се наоѓаме во криза којашто е најголема после големата економска криза по 1929, 1933 година. Имаме здравствена пандемија, имаме енергетска криза, европска енергетска криза којашто се прелева и кај нас и имаме економска криза којашто е предизвикана од таа енергетска криза. Во такви услови да барате избори со што ќе ги стопирате сите економски процеси, а на граѓаните немате што ново да им понудите е несериозно. ВМРО-ДПМНЕ не понуди ништо ново, тие велат сакаме избори, секој ден сакаме избори – рече Ковачевски во „Само Интервју“ на Канал 5.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски веќе порача дека е подготвен да разговара за измени во изборниот законик во однос на техничката влада, како и една изборна единица се со цел да се дојде до предвремени парламентарни избори, а граѓаните да добијат влада која што ќе спроведува квалитетни реформи.

 Но и покрај барањето на ВМРО –ДПМНЕ да се заобиколи принципот на Пржинска влада во последните 100 дена, апетитите на коалициониот партнер во владата ДУИ не се намалуваат. Првиот вицепремиер Артан Груби веќе кажа дека за измена на Изборниот законик мора да има консензус. Сепак е дециден дека и да има и да нема техничка влада, премиер Албанец во последните 100 дена на владата ќе имало.

 И помалите политички партии кои се дел од владата веќе му поставија ултиматум на Ковачевски дека доколку не бидат прифатени нивните барања во рок од три месеци за измена на изборниот законик кое речиси една година е заглавено во Собрание, тие нема да ја подржат владата.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста