По Мицкоски и Таравари бара предвремени избори – СДСМ е против
По ВМРО-ДПМНЕ, и Алијанса за Албанците бара предвремени парламентарни избори. Арбен Таравари го дели мислењето на Христијан Мицкоски, дека промена на извршната власт е неопходна, и како што вели генералниот секретар на Алијанса, неизбежно во септември да се одржат предвремените избори.
За Таравари СДСМ е брод што тоне оти внатре се случува раскол. Ниту на ДУИ не им одговараат предвремени парламентарни избори со оглед на тоа што во најголемите градови каде што живеат Албанци тие ги загубија локалните избори е заклучокот на Таравари .
- Ние начелно сме за отворени листи, но ставот наш е да има осум изборни единици. Нашиот аргумент за тоа е што постојат осум економски развојни региони во Македонија. Ако сакаме демократизација на општеството, тоа треба да почне во партиите и затоа треба да се оди со отворени гласачки листи. Подготвени сме да разговараме и да ги изнесеме своите аргументи. Но, се сомневам дека до следните избори ќе дојде до промени, вели Таравари.
Од опозицијата остануваат на ставот, дека партијата е подготвена на избори и без техничка влада, но и со една изборна единица доколку тоа им одговара на помалите политички партии.
- ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара за промени во Изборниот законик и да ги слушне барањата на помалите политички партии за една изборна едница и доколку тоа е проблем на СДСМ и ДУИ, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати предвремени парламентарни избори без техничка влада и со една изборна единица, нагласи Митева.
Од партијата на Ковачевски не го делат истиот став. Според нив оваа влада има мандат до 2024 година, парламентарното мнозинство е стабилно и нема потреба од предвремени парламентарни избори.
- Парламентарното мнозинство е стабилно и изгласа нова влада со мандат до 2024 година а нејзиниот легитимитет лежи во парламентарните избори во 2020 година. ВМРО-ДПМНЕ од тие избори па до денеска не понуди ништо ново, ништо различно од тоа што го нудеа тогаш, а токму таквите политики и кадровски решенија беа поразени на парламентарните избори во 2020 и ВМРО-ДПМНЕ не ја доби довербата да ја води државата велат од СДСМ.
Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вчера побара веднаш да се одржат предвремени парламентарни избори, без да има техничка влада бидејќи тоа ќе бидат нови 100 дена губење време на граѓаните на Македонија.
Викторија Миткова