По големиот пожар во еден век старата зграда на „Жито Битола“, Битолчани бараат итна заштита на историски важните градби

       По неколкучасовната борба со огромната огнена стихија, синоќа нешто по 20 часот, пожарот во главната зграда на 120 години стариот објект на „Жито Битола“ е изгаснат. За среќа, повредени и жртви нема, но причинета е огромна материјална штета, која допрва ќе се утврдува. Засега, мистерија останува и причината за избувнувањето на пожарот, која исто така, е предмет на истрага. Иако, овој објект од 2019-та година е во приватна сопственост, бројни се сомнежите на битолчани за причините за пожарот. Тие, на социјалните мрежи шпекулираат дека пожарот можеби бил намерно предизвикан заради осигурувањето, но не ја исклучуваат и можноста тука да никне некој нов елитен објект. За историчарот Васко Гичевски пак, оваа зграда која датира од времето на Османлиската империја, е исклучително вредно недвижно историско-културно наследство кое, заради целосната незаинтересираност на државата, било оставено на забот на времето, што според него, било недозволиво.

  „Апсолутно, тоа е еден сведок, еден најреперезентативен пример на стопанската историја во Македонија кој што може да го имаме зачуван од Османлискиот период, бидејќи во денешна Македонија нема многу зачувани индустриски објекти од Османлискиот период. Ова е најволуменозниот и најрепрезентативниот. За овој објект ние знаеме скоро 60 години, но ете, никој не најде за сходно да го заштити до денешен ден и сега стана популарен само затоа што изгоре, инаку јас лично не верувам дека некој ќе се заинтересираше.“, – ни изјави за Алфа, историчарот Васко Гичевски.

   Тој вели дека со години бил во постојан контакт со речиси сите релевантни институции за заштита на овој објект, меѓутоа, досега се’ останало само на празните ветувања од типот – „ќе биде“.

    „Ова е губење на еден значаен сегмент од нашата стопанска историја, индустриската историја…Државата не сака да вложи во кадри, имаме Музеј во Битола кој што нема ниту еден вработен историчар, Министерството не сака да вложи пари околу тоа нешто и едноствано постојано се губи тоа наследство само од невложување и немање интерес за буквално никаква заштита на културното наследство“, – објаснува Гичевски.

   Инаку, во вчерашното гаснење на пожарот учествуваа и  две противпожарни возила и дваесет пожарникари и вработени во Службата за техничка сигурност при РЕК Битола. Од РЕК Битола денеска информираа дека во периодот што следи Комбинатот ќе ја осовременувал опремата што ја користат пожарникарите. Во фаза на потпишување биле договорите за набавка на униформи за пожарникарите, на противпожарни одела, ракаваци и чизми во вкупна вредност од над четири милиони денари, односно околу 70.000 евра, информираат од РЕК Битола.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста