По Фетаи против Фетаи и Заев против Заев кога е во прашање моралноста во СЈО

Колку му значи некогашното СЈО на Премиерот кога тој по секоја цена наоѓа оправдување за сите грешки, злоупотреби, погазени начела и принципи на совесност во оваа институција? И покрај гневните реакции на јавноста која е запрепастена од бонусите кои обвинителите сами си ги делеле, Заев од собраниската говорница истакна дека тоа не било „драма“ и дека нема да дозволи да се нарушува дигнитетеот на како пшто вели, институциите на системот.

– Исплаќања од 1000 евра, од 1.500 евра не смее да биде некоја не знам каква драма. Премиерот зема 84.000 денари плата, пратениците земаат 100.000 денари заедно со трошоците, кога ќе пресметате тоа се 18.000 евра годишно. За четири годни се 75.000 евра и од тука ќе извлекувате драма. Таму се вработени стручни служби. Таму се 10 специјални јавни обвинители кои ги ставиле главите под ризик – изјави премиерот вчера на седницата за собраниски прашања.

Но, пред две години кога се разбра дека членовите на ДИК по изборите сами себе се наградиле со бонус од по четири нивни плати, истиот премиер побара оставки од нив и ги поздрави кога одлучија да ги вратата парите од бонусите, како морален чин.

– Се работи за исклучителни професионалци кои имаа сериозна улога во едно сериозно време и ја завршија професионално. Одлуката што ја донесоа знам дека е законска, но веројатно е неетичка и неморална. Јас го поздравувам чинот што го поднесоа сите, а тоа е враќање на парите назад во буџетот, а истовремено поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно заради критиките на јавноста, изјави на 11 декември 2017, премиерот Заев.

Иако и експертската јавност и граѓаните гласно негодуваат обвинителите од СЈО засега не покажуваат никаква намера да ги вратат парите или да поднесат оставки. Напротив, сметаат дека тоа било нормално и дека нивните десетици илјади евра бонуси на годишно ниво биле слично со примањата на пратениците за патни трошоци. Инаку, синоќа се огласи и јавниот обвинител Љубомир Јовески кој рече дека се нелогични сумите кои ги добивале вработените во специјалното обвинителство и дури дека таму за исти основи по два пати се исплаќале пари.

Неофицијално пак, се дознава дека Јанева ги обврзала сите во СЈО да потпишат и интерен Правилник за доверливост дека ништо од приватните разговори кои ги има во „бомбите“, не смеат да го изнесат во јавноста. Ако го прекршат предвиденото во овој Правилник како заштитен механизам, ќе треба земените пари за доверливост да ги вратат.

Драган Милосављевиќ