По екстрадицијата, Душко млекарот вели дека е изложен на полициски притисоци

Душко млекарот, кој во октомври минатата година од Германија беше екстрадиран по барање на нашите правосудни органи заради одлежување на затворска казна со   две пресуди од времето на неговото учество во “Шарената револуција“, сега вели дека е изложен на постојани закани и малтретирања од полицијата. Иако првично беше сместен во затвор, заради обновување на судскиот процес, пресудата која беше донесена во негово отсуство, по сила на закон сега е поништена и тој се наоѓа во Битола, со  мерка, еднаш неделно да се јавува во Судот. Меѓутоа, како порано, така и сега е под полициски притисок.

-Сега, исто бев нападнат од истиот инспектор пред една недела и пријавив во внатрешната контрола. Пратен сум 24 сати и во улица идат кај мене. Пред некој ден во населбата “Карпош“ бев нападнат, наводно за неносење маска. Маската ми беше под брадата, оти пиев кафе и со цигара. Два сати бев држан од истиот иснпектор, кој ме туркаше, а лопатката ми беше скршена од сообраќајката. Му реков да не ме доповреди, а тој ми рече- ме боли ку..от, јас не сум доктор- рече Дуле млакарот.

Овој битолски фармер со бунтовен дух кој постојано тера своја правда против власта и институциите, сега нема кој да го заштити, како што вели- ниту Хелсиншкиот комитет, ниту Правобранителството, па дури и адвокати не се нафаќаат да го бранат.

-Побарав во социјални грижи да примам помош,но бев одбиен зашто фамилијата моја била во Германија. Побарав работа, бев одбиен оти сум немал сколија. Јас од што да живеам?- прашува Дуле млекарот.

Битолскиот фармер, се бореше за правата на сточарите во времето на хаваријата на “Сведмилк“, па во “Шарената револуција“ и кога започнаа монтирани процеси против него со лажни сведочења, како што вели, се скара со партискиот врв на СДСМ и со фамилијата побегна и доби политички азил во Германија. Меѓутоа, бомбардирајќи ги своите партиски другари од сегашната власт преку фејсбук, смета дека поради тоа ја побараа и добија неговата екстрадиција. Во меѓу време, сопругата и двете деца сами се во Германија, тука фармата со 80 крави му пропадна, нивите останаа запуштени, а татко му пред некој месец почина. Ќе бегам во Германија, само ова да се расчисти, оти тука повеќе не се издржува, ни рече Душко Илиевски. Тој пред два месеца имаше сообраќајка и на хаварисаното возило кобајаги барајќи дрога, смета дека сакале да му ја подметнат.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста