По една година пандемска пауза, Здружението на жени „Преродба“ ја продолжи Светиниколската традиција

        Доследни на традицијата, но и верни на православната христијанска вера, членките од Здружението „Преродба“, по едногодишна пандемска пауза, а во пресрет на утрешната Градската слава на Прилеп – „Св.Никола“, повторно ги свиткаа уникатните светиниколски сармички, со големина на лешник. Ја поставија и препознатливата посна трпеза, како своевиден потсетник за помладите генерации.

  „Поради пандемијата оваа година со многу мал број на членки ќе го одбележиме патрониот празник на градот Прилеп, „Св. Никола“, бидејќи се придржуваме кон протоколите на МЗ…Меѓутоа, негувајќи ја традицијата сите овие години, не сакавме да изостане еден ваков голем ден, голем празник кој фамилии во Прилеп го слават некаде 60-70 посто. Сакаме да им пренесеме на младите генерации дека треба да се чуваме, но традицијата не смееме да ја заборавиме..“, – вели Лилјана Ѓорѓиеска, претседателка на ЗЖ „Преродба“, Прилеп.

   „Ние сакавме, еве годинава дека пуштија малку, да се собериме, традицијата да ја продолжиме, да си свиткаме сармичиња и да се посмееме, да се подружиме..“, – кажа Летка Бејќароска, членка на „Преродба“.

   Подготовката на уникатните и единствени прилепски светниколски сармички, со кои градот под Марковите Кули, а со тоа и Македонија, во 2008-та, за прв пат влегоа во Гинис, претставува вистинска кулинарска мајсторија, гордо коментираат нашите домаќинки. Велат, имаат намера, кога ќе се создат услови за тоа, дури и да си го срушат сопствениот поставен рекорд од 80.191 сармичка.

  „Се сечат ливченца малечки и после откако ќе се насечат ливченцата, се цедат и оризот се прави. Во оризот си ставаме малку солца, малку бибече, масло и црвен пипер. И мешаме. И по две –три зрна ориз се витка сармичето и иди како лешник…“, – гордо раскажува, потпретседателката на „Преродба“, Менче Милошеска.

    Чествувањата по повод Градската слава продолжуваат утре со празнична литургија во црквата „Св. Благовештение“ и со прережувањето на празничниот колач пред Параклисот „Св. Никола“ во центарот на градот, по што, на празничната трпеза на отворено, годинашниот домаќин, локалниот бизнисмен Тони Тарунџиоски ќе ги подели и светиниколските оброци, со почитување на сите протоколи.

  „Св. Никола“ за патрон на Прилеп беше востановен во 2005-тата година и секоја година оттогаш, со исклучок на ланската, кумови на настанот биле многу познати бизнисмени, но и високи функционери.

  Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста