По два и пол месеца пауза, кафулињата и рестораните ги отворија вратите за гости

Со почитување на сите мерки на заштита, растојание меѓу масите, носење маски на персоналот, кафулињата и рестораните, по два и пол месеца пауза, ги отворија вратите за гости. Првично, работат само оние локали што имаат тераси, а на секоја маса ќе може да седат по максимум четири лица.

Но сепак, иако дел од сопствениците се потрудија максимално да ги испочитуваат предвидените мерки, останува на свеста на граѓаните дали и тие ќе се придржуваат кон тоа. Менаџерите се задоволни од почетокот со работа.

Загубите за угостителските објекти се огромни. Затоа сопствениците бараат инспекциските служби во прво време да бидат потолерантни во однос на почитувањето на мерките.

Угостителите велат дека и покрај загубите, цените остануваат исти. Според нив, не би било фер да се печали врз грбот на гостите

Можеби е различен начинот на кој рестораните ќе се борат за враќање на гостите, но заедничко за сите е дека „Вака или така животот мора да се врати во нормала…“

Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана предвидува дека работното време е ограничено од 8 часот до 22 часот.
На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси треба да се обезбеди растојание од столче до столче од еден и пол до два метра со соседните маси. Според протоколот, дозволено е максимум 12 лица на споени маси заедно, со задолжително растојание помеѓу секој гостин.

На секоја маса треба да има дезинфекциско средство за раце, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена. Организирање на прослави, во оваа фаза на протоколот, е забрането, а работата во затворените објекти, пак, ќе се регулира во наредната фаза.

Барем денеска, дали поради лошото време, или пак поради доза на страв, сепак дел од локалите во Скопје, останаа полу празни.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста