По дебаклот во Брисел, Заев нуди брзи избори – датумот не го кажа

Премиерот Зоран Заев призна одговорност по фијаското од Брисел но не го откри својот адут, кога ќе се одржат предвремените избори. Оставка денеска не си поднесе, ќе чека терминот да го усогласиле утре со останатите политички чинители на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски.

Заев инсистира на брзи избори, но вети дека ќе ги почитувал законските процедури кои предвидуваат Пржинска влада која ќе трае 100 дена. Според законот донесен во 2016 година, кој важеше тогаш за опозиционерот Заев, тој ќе треба да замине од челната позиција во Владата и да назначи технички премиер, кој ќе ја води владата се до изборот на новото владеачко мнозинство.

Опозицијата во техничката влада би добила 5 министерски места. ВМРО ДПМНЕ ќе има министер за внатрешни работи, труд и социјала, како и заменски министри за финансии, земјоделство и администрација. Власта односно СДСМ ДУИ, во МВР и труд и социјала ќе имаат заменски министри, а ќе ги задржат министерските позиции во финансии, земјоделство и администрација. Министерот на ВМРО, во МВР, ќе има право да направи најмногу 15 разрешувања или распоредувања во полицијата, а ќе може да изврши и хоризонтално распоредување базирано на просекот направен последните две години. Одлуките во овие министерство ќе се врзани на власта и опозицијата.

Доколку утре лидерите на политичките партии усогласат брзи избори тие најрано би можеле да се одржат на 8 февруари 2020 година, а техничката влада да се избере за една недела односно на 28 октомври.

Катерина Гетева