По целодневно тргни-застани, пратениците конечно го усвоија дневниот ред

По целодневно заседавање, во законодавниот дом конечно беше изгласан дневниот ред на седницата на која меѓу поважните законски решенија се и законот за локална самоуправа, линеарното покачување на пензиите и заемот од Унгарија.

Работата на пратениците заглави пред самото гласање на дневниот ред откако коалицијата Вреди ја напушти пленарната сала, испровоцирана од предлогот на СДСМ на дневен ред да биде ставен законот за бранителите, што беше протолкувано како намерна провокација од страна на опозицијата.

После седум години на власт и апсолутно мнозинство во собранието, на Социјал-демократите дури сега им текна на овој закон веројатно со намера да предзивикаат реакција кај Вреди и ДУИ, односно и тие да бараат ист закон за поранешните припадниците на ОНА.

По неколку паузи, пратениците сепак повторно се собраа и го изгласаа дневниот ред со што се отвора патот за закажување на комисиските седници за трите клучни закони – оној за локална самоуправа, од кој зависи дали ќе има избори за тројца градоначалници, законот за заемот од Унгарија и законот за покачување на пензиите, со кои пензионерите треба месецов да добијат линеарно покачување од 2.5 илјади денари.

Ако се следи оваа динамика, законите ќе почекаат некој ден пред да бидат конечно усвени.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста