По Цар Самоил, Бугарите тргнаа по Охридската архепископија, македонските историчари молчат

Провокации, навреди и кроење на македонската историја – бугарските историчари не губат време откако минатата недела не им успеа да го решат Гоце Делчев по нивен терк, па во оркестриран настап повторно ги промовираат своите тези за непостоење на македонскиот јазик и нацијата. По сите овие вербални напади, не слушнавме ниту збор од македонска страна. Не само што преку штуро соопштение беше информирано дека имало конструктивна атмосфера во Комисијата, ништо не се кажа за тоа што е конкретно договорено, а уште помалку како ја браниме македонската историја. Шефот на македонската Комисија, Драги Ѓорѓиев, дури одбира и медиуми за кои ќе одговара околу случувањата во преговорите.

Ама затоа пак копретседавачот од бугарска страна Ангел Димитров преку јавни настапи на тамошните медиуми јавно обвинува дека во Македонија немало историска наука, а подигањето на ветото од Бугарија за почеток на преговори била само наша пуста желба. Но Димитров не запира тука па вели и дека спорен бил и континуитетот на Македонската православна црква, па најавува дека историската комисија ќе ја решава судбината и на нашата црква. 

По признанието дека уште пред три години била завршена расправата за Цар Самоил и тој нема да биде македонски цар во историските учебници, македонскиот копретседавач Ѓорѓиев потврдува дека ова било усогласено со колегите од Бугарија, а препораката била на учениците да им се претстават различните перцепции за потеклото на Цар Самоил, што претходно не беше случај.

Инаку во Комисијата од македонската страна по заминувањето на професорот Ванчо Ѓорѓиев, остана празно едно место, односно нема еднаква застапеност според бројот на членови на комисијата од двете страни, па под знак прашалник се доведува и прашањето за релевантноста на донесените одлуки.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста