По четири месеци смртта на родилката од Гевгелија останува мистерија – Филипче вели дека немало лекарска грешка

Четири месеци по смртта на Елизабета Савиќ Динева, нема одговор поради што згасна животот на 30-годишната родилка. Министерот за здравство Филипче, зад камерите, за Алфа потврди дека во овој случај немало констатирано лекарска грешка, и повторно не ги наведе причините кои довеле до смрт, посочувајќи дека треба детално да го разгледа извештајот.

Динева се породи со царски рез во болницата во Гевгелија на 29 јуни. Две недели подоцна, почина на скопските клиники каде беше хоспитализирана во многу тешка коматозна состојба. Уште тогаш, роднините и пријателите на родилката, обвинуваа за лекарска грешка. Неофицијално, лекарите тврдеа дека причина за смртта бил тромб.

Ова не е единствениот ваков случај што годинава ја потресе јавноста. Во јуни, во штипската болница ден по породувањето почина 28-годишната родилка Маја Паневска од Свети Николе. Комисиите долго го истражуваа овој случај, а министерот неколку пати го продолжуваше рокот за подготовката на извештајот.

По многу одложувања поради, како што тогаш наведуваше министерот Филипче, годишните одмори, надлежните посочија дека немало лекарска грешка.

По 40 дена, министерот Филипче сподели детали од извештајот за родилката Паневска. Таа имала уредна бременост и се породила природно. На свет донела здраво момченце, ѝ било првата рожба. Компликацијата со крварење настанала по породувањето, а првична дијагноза била атонија или состојба кога матката по породувањето не се стега и не може да се сопре крварењето, поради што лекарите ѝ ја отстраниле матката. Родилката наредниот ден починала.

Докторите кои Алфа ги консултираше во тој период посочија дека ваквата состојба најчесто се јавува кај третородки или жени кои имале царски рез, а причина може да биде и заборавено парче од постелката. Фатален крај може да има доколку нема навремена реакција по настанатото крварење.

Покрај Паневска и Динева, во јануари, во приватна болница во Скопје, животот го загуби и Дебора Џамбази од Кичево. Обдукцискиот наод покажа дека починала од задушување.

Ниту една од комисиите формирани по барање на министерот Филипче, досега не најде лекарска грешка.

Сања Т. Ставров