По 7 години проговори Црвенковски: Го замрзнувам членството во СДСМ додека партијата не се огради од ставовите на Заев

Го замрзнувам моето членство во СДСМ, додека партијата не повика Централен одбор, каде ќе се огради од ставовите на Зоран Заев, порача основачот и поранешен претседател на Македонија и СДСМ, Бранко Црвенковски.

Вели направена е огромна и непоправлива штета. Инсистира јасно да се стави на знаење дека ставовите на Заев, не се ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв. Црвенковски предупредува дека реакциите на поодделни видни партиски членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни.

Порачува дека е потребно уште еднаш да се реафирмираат ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, јазик, историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ.

-Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата, вели Црвенковски.

Црвековски реагира дека во изминативе 7 години решил да не биде на било каков начин присутен во политичката јавност, за што имал повеќе причини, од кои споменува две. Едната е дека не сакал да даде никаков повод за напади кон раководството на СДСМ, дека се негови марионети кои работеле под негово влијание.

Другата пак е за периодот после формирањето на Владата од страна на Заев со кого не сакал да се конфронтира или јавно да критикува некои политики и постапки на неговата партија, иако такви ситуации имало во повеќе наврати.

-Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина, ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија, Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава, вели Црвенковски.

Покрај Црвенковски, веќе некое време политиките на Заев ги критикуваат и други видни членови на СДСМ, од познатото скопско крило, актуелни но и поранешни високи партиски функционери.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста