Плусинфо објавува дека зад оставката на Дончев се крие нешто повеќе од „семејни и здравствени причини“

Јавното обвинителство веќе има поведено пред-истражна постапка за случајот познат во јавноста како „Рекет 2“, во кој главна улога има Ден Дончев, човекот кој вчера ја изненади јавноста со својата оставка од позицијата на ФЗО, која експресно и без образложение беше прифатена од владата. Од обвинителството за Алфа велат дека се постапува по пријавата на Вера Иванова за злоупотреба на службената положба против сега веќе екс директорот на ФЗОМ, Дончев. Од таму велат дека надлежен јавен обвинител веќе сослушувал сведоци за овој случај.

„Надлежен јавен обвинител има издадено низа наредби и сослушано лица во насока на расветлување на наводите изнесени во пријавата. Со оглед на тоа дека станува збор за предистражна постапка обвинителството не може да сподели повеќе детали“.

Јавноста вчера беше изненадена од оставката на Дончев, а порталот „Плусинфо“, кој прв ја обелодени аферата „Рекет 2“, сега објавува нови докази и тврди дека токму тој случај можеби е вистинскиот мотив за заминувањето на Дончев од ФЗО. Според наводите на порталот, Дончев, планирал да замине од Македонија, а целиот товар од аферата да го остави на плеќите на највисокото раководство на СДСМ.

„До тој степен имињата на засегнатите со скандалот се звучни, што веројатно се проценило дека СДСМ оваа афера пред изборите нема да може да ја издржи. Поради тоа, а пред се поради фактот што Обвинителството веќе го има жешкиот костен в раце, одлучено е да се пристапи кон операцијата „Минимизирање на штетите“. На Ден Дончев наводно му било сугерирано да се повлече од функцијата и по можност да исчезне од Македонија“, пишува новинарот Бранко Ѓероски на порталот.

Според неговите извори, рекетарите од правни субјекти кои даваат здравствени услуги на товар на Фондот, наплаќале и по 2 милиони евра на годишно ниво. Наплатата била во кеш на рака, а парите потоа се носеле на соодветните адреси, пишува Плус инфо.

Аферата, Рекет 2, лани во септември ја обелодени токму новинарот кој тогаш тврдеше оти поседувал цврсти докази дека Дончев, заедно со првиот човек во здравството Филипче, се обиделе да ја спречат продажбата на македонската фирма за дијализа „Дијамед“ на шведскиот инвеститор „Дијаверум“. За ова, кривична до Обвинителството поднесе и сопственичката на „Дијамед“, Вера Иванова.

Дончев вчера се повлече од функцијата, од како што рече „лични причини“. Сепак, медиумите шпекулираат дека тој се подготвува да си замине назад во Австралија каде живеел во 80-тите и почетокот на 90-тите години на минатиот век.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста