Платите, пензиите и стипендиите пораснаа минимално, но за разлика од нив цените се „вивнаа до небо“

Плати, пензии, стипендии – власта не запира со фалбите за подобрувањето на животниот стандард. Месечните примања на македонските граѓани се покачија но минимално, ама  драстично се зголемија и цените на горивата и основните намирници. Просечната плата се зголеми за 1795 денари, пензиите се покачија за дури 1,2 проценти или неверојатни 120 односно 180 денари, а социјалните стипендии за студентите ќе се зголемат од 3.000 на 6.050. Ученичките стипендии пак, од 2.000 до 2.900, сега се усогласиле на 2.500 денари.

Ако во 2020 година еден македонски граѓанин имал просечна плата од 26 422 денари годинава зима 28 217 денари, но ако лани можел, со сите средства, да си купи 528 литри бензин годинава може дури 144 литри помалку или само 383 литри, бидејќи цената на бензинот од околу 50-тина денари достигнала до 73,5 денари. И цената на дизелот се зголемила за дури 17 денари, од 46 стигна до 63 денари, па сега македонските граѓани за еден месец може да си обезбедат 126 литри дизел помалку  од минатата година. Цената на екстра лесното масло се зголемила скоро 30 денари, па ако просечните македонски граѓани можеле да си купат околу 788 литри месечно, денеска можат 447 литри или околу 344 литри помалку. Зејтинот од околу 70 денари се покачи на 100 денари, шеќерот од 29 на 36 денари, млекото од 45 на 52 денари. Со новите цени, македонските граѓани може да си купат помалку 93 литри зејтин, помалку 127 килограми шеќер и помалку 44 литри млеко.

Ниту две минимални плати не се доволни за основни потреби на четиричлено семејство.  За да преживее еден месец  едно четиричлено семејство потребни му се најмалку 34.212 денари или 556 евра покажува последната пресметка на Синдикатот претставена преку вредноста на минималната синдикална кошничка за јуни оваа година.

Од овие пари, 14 547 денари се трошоци за храна, 10.800 за сметки и домување, 2.378 за хигиена, 2.508 за превоз а останатите трошоци се за облека, култура и одржување на здравјето.


Во споредба со априлската пресметка на синдикатот животот станал поскап на сите полиња а вкупната вредност на кошничката во јуни е за 235 денари повисока од онаа во април.

Пресметките покажуваат дека една просечна плата од околу 28.500 денари не е доволна за да се покрие потрошувачката кошничка, ниту пак две минимални плати од 15.194 денари. Според државната статистика, за само една година цените на производите пораснале за речиси 3%.

Викторија Миткова