Платформа: 100% посветени за тебе – „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“

Платформа: 100% посветени за тебе – „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“

Од 2025 година се очекува да започне со работа видео системот-Сејф Сити кој ќе регистрира сообраќајни прекршоци низ скопските улици. Претходно ќе помине низ пробен период.

Министерот Панче Тошковски вели дека е значаен чекор со кој ќе се подобри состојбата во сообраќајот, но ќе биде и клучна алатка во борбата со корупцијата во министерството за внатрешни работи бидејќи системот самостојно ќе регулира казни и ќе врши наплата без разлика за кого станува збор.

,,Не само да снима и да слика, туку да се изрекуваат и казни и да почне наплатата на налогот. Да ставиме крај на „ало началниче, ало министре, ало службениче“, да завршиме или да не завршиме некоја работа. Нема повеќе завршување на работа надвор од системот“, рече Тошковски.

Министерот за правда најави реформи во правосудството преку нова развојна секторска стратегија 2024 – 2028 година за која од утре започнува јавна дебата за измените на законот за судскиот совет. Реформи ќе има и во во советот на јавни обвинители. По цели осум години со работа започнува комората на вештаци за што е извршен и упис во централниот регистар. Игор Филков вели дека ова е значен чекор со кој ќе се подобри состојбата во овој ресор.

„Формиравме 16 професионални одделенија, назначени се нивни раководители и заменик раководители. На 25.09.2024 година, беше одржана седница на Основачкото собрание на Комората на вештаци. На седницата на основачкото собрание беа избрани органите на комората и донесени основачките акти на комората,, изјави Игор Филков, министер за правда.

Од Министерството за одбрана најавија модернизација на Армијата согласно НАТО стандардите како и зајакнување на односите со стратешките партнери. Најавена е и модернизација на опремата која ќе има клучна улога и во борбата против пожарите кои последните неколку години направија значителна штета.

“Успеавме да го заокружиме процесот и да го реализираме ремонтот за два хеликоптери кои ќе се целосно оперативни. Пристигнати се во Македонија. Имено, согласно договорот кој бил склучен ние би имале два дополнителни хеликоптери и во текот на мај идната година,, изјави Елизабета Чуповска Ристова, државен секретар за одбрана.

Инаку, на панел дискусијата 100 отсто посветени за тебе фокусот беше насочен на теми од безбедноста, правдата и одбраната и беа презентирани реформски агенди кои треба да бидат спроведени во периодот кој следи.

Даниел Ѓорѓевски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста